8-ми Март не е ден за скапи подароци и прослави!
Во Македонија, од година во година се губи вистинското значење на овој ден и сѐ се сведува на скапи подароци и прослави по рестораните кои наликуваат на свадби. Жените со нетрпение го очекуваат овој ден за да излезат со колешките или пријателките, но ако ги прашате што всушност прославуваат, голем број од нив нема да знаат точно да ви одговорат. Во училиштата, на децата уште од најмала возраст им се претставува 8-ми Март како ден на жените, мајките и бабите и тој ден подготвуваат честитки и подароци и секако неизбежен е скапиот подарок за учителката. Ова им дава погрешна претстава на децата за тоа што всушност претставува 8-ми Март и тие на тоа гледаат само како на ден кога треба да им дадат подароци на жените во нивниот живот.
Она што навистина е 8-ми Март – меѓународниот ден на жената, е светски настан кој ги прославува женските достигнувања – од политички до социјални – додека повикува на родова еднаквост. И тоа е вистинската и единствената причина зошто овој ден треба да продолжи да се празнува.
Историјата на Денот на жената
Тешко е да се каже точно кога се почетоците. Неговите корени можат да се следат до 1908 година, кога 15.000 жени марширале низ Њујорк барајќи гласачки права, подобра плата и пократко работно време.
Една година подоцна, првиот Национален ден на жената бил забележан во САД на 28 февруари, во согласност со декларацијата на Социјалистичката партија на Америка.
Во 1910 година, Клара Цеткин, лидер на женската канцеларија за Социјалдемократската партија во Германија, ја поднесла идејата за Меѓународен ден на жената. Таа посочила дека секоја земја треба да ги прославува жените еден ден секоја година за да ги поттикне нивните барања.
Во 1911 година, за прв пат Денот на жената бил прославен во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија на 19 март.
Во 1913 година било одлучено датумот да се помести на 8 март и оттогаш се празнува на тој датум.
Зошто сè уште го славиме?
Првичната цел – да се постигне целосна родова еднаквост за жените во светот – сè уште не е реализирана. Родовиот јаз во платите постои низ целиот свет, а жените сè уште не се присутни во еднаков број во бизнисот или во политиката. Бројките покажуваат дека на глобално ниво, образованието, здравјето и насилството кон жените се полоши отколку кај мажите.
Затоа токму на овој ден, жените ширум светот се здружуваат за да го принудат светот да ги препознае овие нееднаквости – истовремено славејќи ги достигнувањата на жените кои ги надминале овие бариери.
Во 2017 година, правата на жените доминираа во вестите, со глобално пресметување на сексуалното недолично однесување низ индустриите. Ова им даде глас на жените за злоупотребата и малтретирањето што тие ги трпат во филмот, модата, музиката, политиката и уметноста.
Овој ден, покрај сеќавањето на храбрите жени кои протестирале против лошите закони треба да служи и за едукација на новата генерација на жени и млади девојки да се спротистават на родовото насилство и злоупотреба, на предрасудите и ситуациите кои ги задржуваат во “ропство”.
Крај