Дали е безбедно кучето да биде покрај новороденчето?
Миленикот е важен дел од многу семејства и често е многу повеќе од само обичен миленик. Но, што се случува кога семејството очекува принова? – Тогаш кај новите родители се јавува дилемата дали бебето и кучето може да ги чуваат заедно во домот. Секако, сите родители сакаат нивното бебе да биде безбедно и сигурно во домот, но се сентиментално поврзани и со миленикот кој можеби дотогаш го гледале како дете. Секој кој има миленик сигурно се нашол во ваква ситуација. И се јавува една голема дилема кај родителите: Дали е безбедно кучето да биде покрај новороденчето? Мислењата околу ова прашање се поделени.
Но, нема потреба да го тргнете семејниот миленик настрана за да го донесете новороденчето во домот, само треба да следите неколку едноставни совети за безбедност на вашето бебе.
Без разлика дали како миленик имате куче или мачка, секако дека не треба да се ослободите од нив кога ќе пристигне новороденчето. Но, колку и да мислите дека е невозможно вашиот сакан миленик на кој бескрајно му верувате да го повреди вашето бебе, сепак чувајте ги одделно. Повеќето миленици нема да ги повредат новореденчињата намерно, но зошто да ризикувате несакана повреда? Не го оставајте бебето да лежи на подот без надзор и не го носете миленикот во собата на бебето. Уште веднаш започнете да го тренирате вашиот миленик да стои настрана од собата во која ќе биде бебето.