Дали вашето дете е подготвено за градинка?
Улогата на родител е една од најзначајните која човекот ја има во својот живот. Инстинктивно, родителот најдобро се грижи за своето дете, па оттука произлегува дилемата за тоа кое е вистинско време за градинка. На ова прашање е многу тешко да се даде вистински одговор: некои деца се подготвени за градинка на две, а некои не се и на пет години.
На секое дете му е потребно време за да се приспособи на престојот во градинката и да стекне доверба и сигурност во неа и во луѓето таму. Времето на приспособување е специфично за секое дете и зависи од возраста на детето, неговиот темперамент и искуството кое го имало дотогаш (дали претходно било одвојувано од родителите, дали имало контакт со други деца итн).
Приспособувањето на детето во голема мера зависи и од ставовите на родителите. Децата се многу интуитивни и чувствителни и ја препознаваат секоја реакција на родителите и се однесуваат соодветно на тоа.
Во процесот на приспособување на престојот во градинка, некои деца нема да покажат никаква реакција на промената на средината и новата околина, додека други своето незадоволство ќе го изразат со многу бурни рекации како: проблеми со храна и спиење, плачење, фрустрација, лутина и агресивност.
Покрај одлуката кога да се пушти детето во градинка, треба да се увидат и некои емоционални доживувања кои се појавуваат кај децата, но и кај родителите. Речиси секогаш, првите искуства и контактот со градинка е стрес и за едните и за другите.
Децата на возраст од 1 година
Најчесто при одвојување и при нова околина ќе реагираат со неутешен плач, одбивање на контакт, ќе бидат повлечени или нема да се одвојуваат од цуцлата или некоја нивна играчка. Можно е да имаат проблеми со исхраната или тешкотии со спиењето. Некои деца ќе реагираат со регресивно однесување (пр. ќе се вратат на лазење иако веќе знаат да одат).
Децата на возраст од 1,5 до 2 години
Покрај плачењето и одбивањето на комуникација, често ќе манифестираат лутина и бурно ќе реагираат за време на разделбата со родителите.
Децата на возраст од 3 до 5 години
Тие мирно ќе дојдат во градинка, но нема да се вклучуваат во активностите и нема да комуницираат со воспитувачите и/или другите деца. Можеби поголемиот дел од денот ќе го поминат молчејќи, во некој агол од просторијата, играјќи со некоја од своите играчки, постојано прашувајќи кога ќе дојдат мама и тато. Некои деца може бурно да реагираат, да ги удираат другите деца, гласно да плачат или да протестираат.
Како да му помогнете на детето да се приспособи побрзо и полесно?
- Пред поаѓање во градинка, зборувајте за градинката со насмевка и истакнете ги убавите страни од престојот (играта, дружењето). Зборувајте позитивно и оптимистично, но секогаш бидете реални!
- Доведете го детето во градинката пред да почне со приспособување, покажете му како изгледаат градинката и дворот.
- Покажете му дека сте горди што е доволно возрасно за да може да оди во градинка и да биде таму без вас.
- Одговорете на сите прашања од детето во врска со градинката.
- Кажете му на детето кој ќе го носи и кој ќе го зема.
- Потрудете се периодот пред да тргне во градинка интензивно да биде во контакт со други деца и често посетувајте детски игралишта и надгледувајте го неговото однесување.
- Приспособете го ритамот на животот на детето дома со ритамот во градинката (одредете време за јадење, спиење и играње).
- Кога детето ќе почне да оди во градинка, убаво е првите две недели да останува пократко време (првиот ден – еден час, вториот ден – два часа итн).
- За децата од 3-5 години престојот во првите денови може да биде и подолг, но секогаш да биде во време од игра. Времето за одмор е критично, па треба да го оставите за подоцна, кога детето ќе се навикне на просторот.
- Добро е детето во градинка со себе да носи некоја драга играчка или предмет кој му дава сигурност (шишенце, ќебенце, мече).
- Имајте доверба во системот и во воспитувачките – градејќи го односот врз доверба, ќе му помогнете на вашето дете да се опушти и да верува во новата средина.
Извор: ваш аптекар
Крај