Сите знаеме дека спанаќот е здрав, но дали го знаевте ова?
Спанаќот е едногодишно растение кое се претпоставува дека потекнува од Блискиот Исток, каде расте како самонико растение. Иако може да се купи во текот на целата година, неговата сезона трае од март до мај и од септември до октомври, кога е најсвеж и највкусен.
Овој зеленчук со својата деликатна текстура и изразита зелена боја обезбедува повеќе хранливи материи од која било друга храна. Во неговиот богат состав се наоѓаат минерални соли како: натриум, калиум, калциум, фосфор, магнезиум, цинк, јод, бакар, витамини од кои најзастапени се: Ц, Б1, Б2, Е, К, фолна киселина и витамин А. Исто така содржи и хлорофил, амино киселини како што се аргинин и лизин, но и липиди, протеини и диететски влакна потребни за одржување на здравјето. Покрај ова, спанаќот е одличен извор на железо.
Неколку причини повеќе зошто спанаќот треба да биде дел од вашата исхрана:
– делува антиоксидативно и антивоспалително
– го намалува крвниот притисок
– го штити видот
– го зајакнува имунитетот
– за здрава и млада кожа
– ги штити коските
– против анемија
– за добра дигестија и вита линија
– во борба против ракот
Еве неколку помалку познати податоци што треба да ги знаете за спанаќот:
– Лицата кои имаат проблеми со функцијата на бубрезите треба да избегнуваат употреба на спанаќ заради содржината на оксалати кои кај овие лица може да предизвикаат здравствени тегоби.
– На лицата со нарушена функција на штитната жлезда, исто така, не им се препорачува бидејќи содржи состојки кои можат да влијаат врз нејзината функција.
– Пред употреба секој лист треба добро да се измие со ладна вода. Спанаќот не треба да се остави да стои потопен во вода!
– Младите и сирови листови може да се употребат за салата, но рачките треба да се отстранат, бидејќи содржат оксална киселина.
– Кога готвите спанаќ, се препорачува да се прелие со врела вода и да не се вари подолго од 5 минути. Водата во која се варел треба да се исфрли, бидејќи е заситена со нитрати.
– Секогаш гответе онолку колку што можете да изедете во текот на денот. Остатокот треба да се изеде незагреан или да се фрли, бидејќи еднаш термички обработениот зеленчук не е препорачливо повторно да се загрева (при повторно загревање се создаваат нитрати кои под дејство на бактериите во дебелото црево се претвораат во нитрозамини, кои пак делуваат канцерогено).
Извор: ваш аптекар
Крај