Дали правилно ги употребувате лековите?
Лековите употребени на погрешен начин може да бидат потенцијално опасни! Затоа секогаш треба да се придржувате на советите добиени од вашиот лекар или фармацевт.
Медицинските препарати и лекови кои ги употребуваме, може да се најдат во повеќе облици и форми. Од нивниот облик зависи и начинот на нивната апликација и употреба. Само со правилна употреба се постигнува добар ефект и сите несакани реакции кои може да се појават се сведени на минимум.
Совети за правилна употреба на лековите во зависност од нивните форми и облици:
Течни лековити форми
Кај децата и кај одредени возрасни категории, поедноставна примена на лековите е во облик на течност. Дозирањето може да биде во капки или во милилитри. Во своето оригинално пакување секогаш содржат дозатор (чашка, лажичка, капалка). Лекот никогаш не се пие од шишенцето!
Ампули и инфузиски раствори
Овие бистри раствори кои служат за интравенозна или интамускулна апликација се примаат исклучиво во болнички услови.
Цврсти медицински препарати
– Таблети – се голтаат цели, со полна чаша вода. Во зависност од видот на лекот се примаат пред, по или за време на јадење.
– Лингвалети – се мали таблетки кои се топат под јазик, за на тој начин да се постигне најбрз и најдобар ефект.
– Ориблети – бавно се топат во устата.
– Дражеи – тоа се таблети кои се обложени со цел да се маскира горчливиот вкус на лекот. Се пијат одеднаш со полна чаша вода.
– Капсули – се голтаат исклучиво цели со полна чаша вода.
– Шумливи таблети – се раствораат во вода и се пијат одеднаш.
Фармацевтски облици за апликација во телесни шуплини
– Супозитории – тоа се полуцврсти препарати за ректална употреба. Вообичаено тоа се лекови кои делуваат локално (пр. лекување на хемороиди) но и за системски заболувања кога другите облици не се апликативни.
– Ректална маст – се нанесува со спликатор.
– Вагитории – се употребуваат кај жени, најдобро навечер во легната положба. Рацете треба секогаш да бидат чисти.
– Вагинална маст – се нанесува со апликатор.
Препарати за дермална употреба
Тоа се препарати кои делуваат локално, се нанесуваат на чиста и сува кожа во тенок слој.
Трансдермални фластери
Фластерот се лепи на чиста и сува кожа. Се отстранува заштитната фолија и се лепи фластерот, не допирајќи ја лепливата површина. Притиснете и држете 30 секунди.
Инхалатори
Некои видови инхалатори потребно е да се проматат пред употреба. Се отстранува капакот од пумпицата. Пред примена на лекот, длабоко вдишете и издишете. Врвот од шишенцето внесете го во отворена уста и прифатете го со устата (не со јазикот или забите). Притиснете го механизмот кој го испушта лекот и постепено вдишете. Задржете го здивот минимум 10 секунди.
За најдобар совет и за правилна употреба на лековите, информирајте се кај фармацевтот веднаш при издавањето на лекот. Само така ќе бидете сигурни дека употребата на лекот е на вистинскиот начин и со најдобар ефект.
Извор: ваш аптекар
Крај