Дали и вие ги правите овие грешки кај вашиот доктор?
Сите знаеме дека ординациите на докторите се зафатени места и секојдневно низ нивните врати влегуваат многу пациенти, па нормално е докторите и нивниот персонал да се соочуваат со многу прашања и интересни ситуации одново и одново.
Можеби мислевте дека не е потребна подготовка кога одите кај доктор, но тие ги споделуваат грешките што пациентите не се свесни дека ги прават. Дали и вие ги правите овие грешки?
Не ги носите потребните документи
Понекогаш се случува да одиме во некоја дежурна болница или во брза помош ако имаме некој неочекуван здравствен проблем надвор од редовните работни часови на нашиот доктор. И во тој случај многу ретко се сеќаваме со себе да понесеме здравствена легитимација и/или резултати од последните прегледи и испитувања.
Исто така, после престој во болница документите треба да се однесат кај матичниот доктор за да може да разгледа што се случило со пациентот додека бил хоспитализиран и да провери дали има промени во лекувањето и истите да ги евидентира, но ретко кој од нас го прави тоа.
Се жалите на многу работи одеднаш
Голем дел од нас одат на доктор само ако навистина имаат голема потреба од тоа. Но, тоа не значи дека ги занемаруваме симптомите и проблемите кои ни се јавуваат одвреме-навреме. Затоа кога одиме на доктор ги спомнуваме сите тие симптоми (иако некои од нив траеле 1 ден или само 1 час).
Докторите советуваат да се ограничиме на два (можеби три) проблеми. Разумно е да се споменат симптоми кои можат да бидат поврзани со главниот проблем или прашање, но пациентите треба да ги разграничат и да не ги нафрлаат сите одеднаш.
Ако имате неколку хронични болести за кои треба да се консултирате при секоја посета и често се чувствувате дека докторот не ви посветува доволно време за секоја од нив, тогаш најдобро е за секоја од нив да одите посебно.
Го лажете докторот
Иако знаеме дека докторите секојдневно се справуваат со чувствителни теми, сосема е нормално да се чувствуваме малку засрамени кога зборуваме за различни аспекти на нашето здравје и телесни функции. Но, и покрај нервозата или срамежливоста, важно е целосно да бидете искрени со вашиот доктор. Докторот не може да ви даде добар совет ако не ги добие сите информации од вас. За да добиете најдобра грижа, треба да бидете подготвени секогаш да ја кажете вистината, па дури и ако тоа вклучува да му признаете на вашиот доктор дека не сте го следеле неговиот совет или сте направиле нешто на своја рака.
Носите мало дете со вас на прегледот
Разбирливо е дека понекогаш нема на кого да го оставите детето, но докторите посочуваат дека има прегледи кои не се соодветни за детето да биде присутно, како што е гинеколошкиот преглед или некој друг чувствителен преглед. Ваквите ситуации претставуваат предизвик и за вработените и за докторот – тие не се таму за да го чуваат вашето дете!
Не знаете кои лекови ги земате
Се случува често докторот или медицинската сестра да ве прашаат кои лекови или додатоци ги земате во моментот. Со тоа Вашиот лекар не сака да ве контролира, туку сака да спречи несакана реакција на лекови, негативна интеракција помеѓу две или повеќе супстанции или дуплирање. Ако не можете да ги запомнете сите лекови, направете листа и постојано ажурирајте ја и секако понесете ја со вас следниот пат кога одите кај вашиот доктор.
Крај