Денес се слави православниот “Валентајн”: Вера, Надеж, Љубов
Денес е Празник – Празник на Верата, Надежта и Љубовта.
На овој ден се празнува споменот на познатата Римјанка Софија која своите три ќерки ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
На овој ден се почитува стремежот кон христијанските добродетели, бидејќи народот отсекогаш верува дека доброто никогаш не се заборава и еден ден ќе биде наградено.
Денес се слави животот кој достојно се минува со вера, надеж и љубов, а љубовта е најголема.
Химна на љубовта (прво послание на Апостол Павле до Коринтјаните)
- И да ги зборувам сите јазици и човечки и ангелски, ако љубов немам – тогаш сум бакар што ѕвони, или кимвал што ѕвечи;
- И ако имам дар за пророкување, и да ги знам сите тајни и сите знаења; и ако ја имам сета вера, што и планини ќе преместувам, а љубов немам – ништо не сум.
- И ако го раздадам целиот свој имот, за да ги нахранам бедните; и ако го предадам своето тело, да биде изгорено, а љубов немам, ништо не ми ползува.
- Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува
- не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло
- не и се радува на неправдата, а и се радува на вистината;
- сè премолчува, сè верува, на сè се надева, сè трпи.
- Љубовта никогаш не престанува: А другите дарби : ако се пророштва – ќе се отстранат; јазици – ќе замолкнат; ако е знаење – ќе исчезне
- Зашто, делумно знаеме и делумно пророкуваме,
- но кога ќе дојде совршеното, ќе се отстрани делумното.
- Кога бев дете, зборував како дете, мислев како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отстранив детинското.
- Зашто, сега гледаме како во огледало – нејасно; но тогаш: лице во лице. Сега знам делумно, но тогаш ќе сознам целосно, како што и јас бев самиот наполно познат.
- А сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта, но љубовта е најголема од нив.
Крај