Џепарлакот за децата не треба да биде ниту уцена ниту мито
Кога родителите му даваат џепарлак на своето дете, го учат на одговорно финансиско однесување и на тоа како да раководи со парите.
Но, често постои двоумење за тоа кога е детето доволно големо за џепарлак, како и дали треба да го чува или да го потроши за себе. Психологот проф. Тања Дејановиќ Шагадин, истакнува дека децата можат да почнат да добиваат џепарлак кога ќе почнат да ја разбираат вредноста на парите, а тоа е најчесто во периодот кога почнуваат да одат на училиште.
Немојте да им “плаќате” за извршување на работните обврски
Многу често на оваа годишна возраст децата немаат точно разбирање за вредноста на парите, а децата ретко купуваат самостојно било што, па доволен е мал износ за да научат за вредноста на парите и концептот на штедење. Џепарлакот подразбира и превземање на некакви обврски, па може да им се објасни на децата да учествуваат во поделбата на куќните обврски, па така и во поделбата на парите. Не би препорачала тоа да им се објаснува на децата како да ги плаќаме за смукање со правосмукалка, туку како да соработуваат со сите во работата бидејќи се големи, а и затоа што се големи сега добиваат мал износ со кој можат сами да располагаат – објаснува проф. Дејановиќ Шагадин.
Помладите деца џепарлакот го трошат на играчки и слатки, додека постарите се обидуваат да заштедат за облека и мобилен телефон. Она што е важно да се нагласи е дека џепарлакот не треба да биде средство со кое родителите ги уценуваат децата, ниту да биде директно поврзан со куќните обврски на детето.
Општо кажано, уцената не е добро средство за воспитување и не треба да се помешува со последиците од однесувањето. Ако детето ги запоставува своите обврски, во ред е тоа да има последици како скратување на некои привилегии, но тоа не треба да се претвори во уценување, туку обврските и можните последици од неисполнувањето треба да бидат договорени – кажува проф. Дејановиќ Шагадин.
Заблуди кај децата
Најчести заблуди кои помалите деца ги имаат за парите се следниве: монетите вредат повеќе отколку банкнотите бидејќи се потешки, на банкоматите можат да се подигнуваат неограничено многу пари и парите служат само за купување во продавниците, а не и за плаќање сметки.
На возраст од 5 години децата би требало да знаат дека со парите се купуваат разни работи, дека треба да се заработат, дека не може сѐ веднаш да се добие, дека парите не треба да се потрошат одеднаш и дека позајменото треба да се врати.
На возраст од 6 до 10 години, треба да ја знаат точната вредност на монетите и банкнотите, треба да знаат дека штедењето во банка вклучува и камата, и дека парите кои се трошат со кредитните картички исто така се плаќаат иако децата не ги гледаат тие пари.
Штедење и опасности
Помеѓу 11та и 13та година децата треба да развиваат вештина за штедење и умерено трошење пари, да знаат дека кредитните картички треба да се користат внимателно и да бидат запознаени со опасноста од користењето лични податоци на интернет.
Не е неопходно
Секоја фамилија договара свои правила, дали треба да им се дава џепарлак на децата, кога и колку. Тоа не е единствен начин да се научи вредноста на парите, па не е ни неопходно да се даваат редовно. Важно е да не се користи како средство за уцена или како мито.
Одговорност
Психологот истакнува дека децата треба со својот џепарлак или заштеда да ги финансираат туѓите работи кои случајно или намерно ќе ги уништат, бидејќи така учат на лична и финансиска одговорност.
Извор: 24sata.hr
Крај