“Епидемија” од царски резови: Непотребно изложување на ризик
Бројот на породувања со царски рез се дуплира во последниве години и во некои земји достигна до размер на епидемија, објавиле докторите во списанието Lancet.
Милиони жени секоја година себеси и своето бебе се изложуваат на непотребен ризик со царски рез во размери “кои немаат апсолутно никаква врска со медицински причини”.
Во 2015 година, докторите од разни делови во светот извеле 29,7 милиони царски резови, што е 21% од сите породувања. 15 години претходно, на почетокот на 21 век, имало само 16 милиони царски резови односно 12% од сите породувања.
Се проценува дека царскиот рез е хируршки зафат со кој се спречуваат компликации при породувањето, неопходен во 10 до 15% од бременостите.
На прв поглед можеби се чини да се случил голем скок, но тој впечаток радикално се менува кога ќе се погледне стапката на царски резови по економски статус. Во најмалку 15 земји во светот со таков зафат на светот доаѓаат дури 40% од децата. Најчесто го применуваат богатите жени и тоа во приватни клиники.
Во Бразил, Египет и Турција повеќе од половина породувања се обавуваат со царски рез. Најмногу во Доминиканска Република, 58,1%.
Зафатот е почест во земјите со поголеми примања
Авторите на истражувањето нагласуваат дека зафатот општо премногу се користи во опкружувањата со средни и високи примања, и дека обратно е онаму каде што владее сиромаштија. Сиромашните жени често немаат пристап до зафатот кој може да им го спаси животот.
– Само врз основа на медицинските потреби не би очекувале такви разлики помеѓу земјите, помеѓу жените со различен социо-економски статус или дури и помеѓу покраините во рамки на иста држава – истакнува главниот автор на истражувањето Ties Boerma, професор за општо здравје на Универзитетот Manitoba.
Jane Sandall, професор по социологија и здравје кај жените на Кралскиот универзитет во Лондон, истакнува неколку причини поради кои жените сѐ почесто се одлучуваат за царски рез.
Меѓу нив се недостаток на акушерки кои на време ги откриваат и спречуваат проблемите, губење доверба во тоа дека породувањето ќе се спроведе сигурно и стручно, но и медицинско-правни прашања.
Докторите често пати се во искушение да организираат царски резови со цел да се забрза протокот на пациенти, а медицинските професионалци се помалку подложни на евентуални тужби ако пациентите изберат царски рез, наместо природно породување.
Sandall истакнува дека често постојат “финансиски поттици” и докторот и болницата да направат царски рез.
Во истражувањето се предупредува дека многу млади доктори стануваат “експерти” за царски рез и во исто време губат самодоверба кога се во прашање природните породувања.
Во анализата се истакнува и проблемот со големата несразмерност помеѓу сиромашните и богатите региони во иста земја. Во Кина на пример, процентот на царски резови варира од 4 до 62%. Во Индија од 7 до 49%, во зависност од регионот.
Стапката на инвалидност и смртност е поголема по царски рез
Многумина сметаат дека царскиот рез е “полесен” начин на породување, но далеку од тоа дека не постои никаков ризик.
Стапката на смртност и инвалидност кај мајката е поголема по царски рез во однос на природното породување. Зафатот на матката остава лузни што може да доведе до крварење, ектопична бременост (кога ембрионот ќе заглави во јајниците), како и до предвремено породување во наредните бремености.
– Царскиот рез е голема операција, која носи ризик и бара внимателно разгледување – изјавува Sandall.
Gerard Visser од Медицинскиот Универзитет во Холандија тврди дека порастот на бројот на царски резови е “алармантен”.
– Медицинската струка не може сама по себе да го промени овој тренд. Постои потреба за поширока општествена акција за да се спречат непотребните царски резови, а на жените и семејствата да им се врати довербата дека ќе добијат најсоодветна нега – изјавил Visser.
Извор: 24sata.hr
Крај