Што е подобро за детето – градинка или баба сервис?
Ако воопшто имате лукуз да избирате, најпрост одговор би бил – зависи од бабата, а и од самото дете. Не се сомневајте во градинката, таму вашето дете ќе добие исто што и сите други деца – приличен степен на социјализација, навикнување на друштво и соработка со други деца, активности кои се осмислени за децата да ја развиваат моториката, креативноста и меморијата. Ќе има правилен дневен распоред и сигурно нема да биде гладно и непресоблечено. Ќе ги добие секако, и сите детски болести, вклучувајќи и вошки, но можеби ќе обожава да оди во градинка, или барем нема да се буни.
Сите велат, што порано тргнат децата во градинка, толку подобро. Ако таму не се баш задоволни, ќе се навикнат и ќе се прилагодат. Но има деца кои се ужасно несреќни во градинка и никогаш не се навикнуваат и не се прилагодуваат. Тие плачат секое утро кога ги оставате и сигурно уште неколку пати во текот на денот. Воспитувачките просто не знаат што да прават со нив и ги држат в раце, или покрај себе, настојуваќи бар физички да ги вклучат во заедничките активности.
Што да правите? Срцето ви се кине, но можеби немате можност да му обезбедите соодветно домашно чување на вашето малечко кое така одлучно се исклучува од светот кој му смета. Можеби постои можност да го чуваат баба и дедо, но тоа е премногу оптоварувачки за нив, можеби се стари, со нарушено здравје и немаат нерви за мало дете, па вие не сте сигурни што ќе затекнете ако го оставите вашето дете со нив.
Што е подобро за вашето дете во тој случај? Во суштина, можеби е подобро да остане во познато опкружување каде се чувствува добро, иако вие не се чувствувате добро и сигурно со таа одлука. Вреди да пробате. Можеби ќе биде гладно и непресоблечено и ќе го помине целиот ден во пиџами гледајќи цртани, но нема да биде несреќно. Несоодветната и непотполна услуга на баба-сервисот во овој случај е можеби поприфатлива опција, отколку сигурниот сервис во градинката во која детето ќе се чувствува како казнато и во затвор.
Земете во предвид дека детето вистински пати и проценете што е подобро – дали повеќе ќе ве гризе совеста ако сте сигурни дека тоа поминува уште еден грозен и несреќен ден во градинка, или ако остане под несигурниот надзор на баба, на која самото присуство на малото дете и е оптоварувачки.
Некои родители ги слушаат своите деца и ги оставаат сами дома, во договор со соседката или некоја друга возрасна личност која може да ги прилагоди своите обврски така што, барем неколку пати ќе намине и провери што прави детето, да му даде да јаде и да им јави како се одвиваат работите. Родителите кои имаат теренска работа, успеваат сами да наминат еднаш или два пати во денот, да го проверат своето дете.
Ова е голем ризик и секако на памет ви паѓа најлошото што може да му се случи на детето кое е само, но клуч за успех на ваквата организација е познавањето на вашето сопствено дете. А децата кои изразито не се вклопуваат во друштво, знаат да си играат сами, ќе сакаат и сами да земат да јадат од она што ќе им го оставите и воопшто не се плашат што се сами и не се чувствуваат непријатно. Можеби ви изгледа лудо воопшто да размислувате за ова, но всушност е некаква опција.
Ако имате среќа, па имате совршен баба-сервис и дете кое е задоволно во градинка, тогаш можете да комбинирате онака како што им одговара на сите и блазе вам и вашето дете. А ако имате проблем, тогаш добро размислете што е најдобро за вашето дете, а не за вас.
Извор: bride.wannabemagazine.com
Крај