3 идеи како да ги декорирате велигденските јајца на потполно нов начин
Ако оваа година сакате малку да се забавувате со бојадисување и декорирање јајца за Велигден, да им дадете на вашите деца дополнителен предизвик или едноставно сакате да направите нешто поразлично, проверете ги овие 3 трикови за преубаво бојадисани велигденски јајца.
Ќесички боја, налепници со зајчиња и пиленца, корпичка со вештачка зелена трева…Од година до година, луѓето постојано ги повторуваат истите дизајни, и нешто што некогаш било забава, со тек на време се претвори во една досадна обврска. Оваа година на вашата трпеза можат да заблескаат велигденски јајца во сосема поинакво издание.
Ви претставуваме 3 трикови како креативно (и без многу мака) да ги бојадисате велигденските јајца.
Мермерни јајца направени со помош на крем за бричење
Потребни состојки:
- Тврдо варени јајца
- Крем за бричење
- Боја за храна
- Алуминиумски сад за печење
- Гумена шпатула
- Чепкалки
- Хартиени марамчиња
- Гумени ракавици
Подготовка:
Наполнете го садот за печење со крем за бричење и измазнете го со гумена шпатула. Капнете врз кремот за бричење разни бои за храна ( можете да комбиниратe по 2 или 3 бои и на тој начин ќе добиете разни нијанси). Колку повеќе боја користите, толку поубава мермерна нијанса ќе добијат јајцата. Со помош на чепкалка направете шари со бојата по кремот за бричење. Ставете гумени ракавици, земете едно јајце и тркалајте го по обоениот крем. Внимателно ставете ги намачканите јајца на хартиено марамче или салфетка и оставете ги да се исушат барем 20 минути. Избришете го вишокот крем за бричење со салфетката и ќе забележите каков мермерен ефект имаат вашите јајца.
Шарени јајца со разновидни дизајни
Потребни состојки:
- Тврдо варени јајца
- Гумени ракавици
- Хартиени марамчиња
- Мали налепници
- Пластични шпагети
- Селотејп
- Гумени ластичиња
- Боја за јајца
Подготовка:
Поделете ги тврдо варените јајца во три групи. На првата група јајца залепете мали налепници и намотајте пластична шпагета неколку пати околу секое јајце во разни правци. Другата група јајца залепете ја со селотејп. Играјте си со правците, количината на селотејп која ја користите и препуштете и се на вашата фантазија. На третата група јајца намотајте гумени ластичиња со разни дебелини. Измешајте боја за јајца и вода и ставете ги јајцата во мешавината за да се обои првиот слој. После првото обојување, оставете јајцата да се исушат и отстранете сѐ она што сте налепиле и ставиле на нив. Сега го имате првиот слој боја. Истите тие јајца повторно залепете ги со разни налепници или намотајте пластична шпагета или селотејп и ставете ги во друга боја. Повторно исушете ги и ќе добиете шарени јајца со разни дизајни. За повеќе детали погледнете на Amador Family Blog
Ретро дизајн од 80-тите
Потребни состојки:
- Тврдо варени јајца
- Гумени ракавици
- Хартиени марамчиња
- Боја за јајца
- Металик фломастери
- Лепак и светки во прав (или лепак со светки)
Подготовка:
Јајцата потопете ги во разни бои за јајца, почекајте околу 20 минути да се впие бојата. Извадете ги јајцата од бојата и оставете да се исушат. Земете лепак со светки и направите мали точкици прво на едната страна од јајцето (оставете да се исуши лепакот) и потоа на другата страна. Можете да користите разнобојни лепаци или светки во прав. Друга опција е да земете исушено обоено јајце и да цртате на него со металик фломастер. Фломастерите можат да бидат златни, сребрени, бронзени или било која друга боја која ќе успеете да ја набавите.
Извор: 24sata.hr
Крај