Дерматолозите советуваат: како да излечите изгореници од сонце
Сите ја знаеме важноста на кремите со заштитен фактор, но понекогаш и покрај нашите најдобри напори, се случува да се појават изгореници од прекумерното изложување на сонце.
Еве што советуваат дерматолозите кога станува збор за изгорениците на кожата, предизвикани од сонцето:
1. Справете се со болката
За привремено да се ослободите од болката, туширајте се со ладна вода или ставајте ладни влажни облоги на изгореницата неколку пати на ден. Внимавајте на температурата, бидејќи кога вашата кожа е изгорена, способноста на вашето тело за контрола на температурата е компромитирана.
2. Навлажнете ја кожата (во вистинско време)
Нанесете ултра-хидратантен крем или маст, но имајте на ум дека тајмингот е многу важен. Дерматолозите советуваат дека треба да нанесувате крем кога кожата е влажна, така што водата ќе остане под површината на кожата и ќе и помогне да заздрави побрзо. Обидете се да го повторувате ова што е можно почесто.
3. Хидратирајте ја кожата одвнатре
Хидратантните креми се одлични, но тие треба да се поврзат со внатрешната хидратација. Консумирајте осум до десет чаши вода дневно за да ја замените загубата на течности и да спречите дехидрација. Исто така, обидете се да ги ограничите пијалоците што уште повеќе можат да ве дехидрираат, како што се кафето и алкохолот.
4. Не ги допирајте пликовите на кожата
Ако изгоревте толку многу што имате пликови на кожата, направете сé што е во ваша моќ за да избегнете да ги допирате. Пликовите се природен завој за лекување на кожата под површината, па затоа дозволете им да се отворат сами.
Имајте на ум дека силните изгореници од сонце со појава на пликови на вашата кожа, го зголемуваат ризикот од појава на рак на кожата подоцна во животот. Затоа, ако имате историја на една или повеќе вакви изгореници, потребно е да правите прегледи на кожата секоја година.
5. Не излегувајте на сонце!
Ова можеби изгледа како прилично очекувано, но тешко е да се спротиставите на искушението – особено ако сте на одмор. Изгорената кожа е уште поподложна на штетните ефекти на УВ-зраците, па затоа пред да одите на одмор спакувајте шапка и облека за заштита од сонце.
Крај