Премногу загадениот воздух може да биде смртоносен за бремените жени и нивните неродени деца
Многу истражувања покажаа како загадувањето на воздухот влијае врз бременоста, кои се негативните ефекти од аерозагадувањето врз бремените жени и нивните неродени бебиња – и резултатите од секое откритие се смртоносни. Загадувањето на воздухот е поврзано со разни здравствени проблеми. Меѓу најистакнатите се респираторните проблеми – како на пример астма, бронхитис, хронична обструктивна белодробна болест , кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар итн.
Иако загадувањето на воздухот има влијание врз сите нас, сепак најштетно влијание има врз бремените жени, децата, бебињата, постарите лица и лицата со респираторни проблеми.
Според најновите истражувања, изложеноста на аерозагаденост пред концепција или во текот на првиот месец од бременост го зголемува ризикот од појава на дефекти кај бебињата при раѓање.
Потенцијалното влијание врз популацијата е значајно бидејќи сите бремени жени се во одредена мера изложени на оваа аерозагаденост. Експертите тврдат дека најосетливиот период на изложеност е првиот месец пред или по концепцијата. Напорите и трудот за одржување на јавното здравје треба да продолжат да ја истакнуваат важноста за намалување на изложеноста на популацијата на штетните честички во воздухот.
За да го спроведат истражувањето, експертите ги зеле во предвид изводите на раѓање во одреден период и податоците за присуството на штетни мали честички во воздухот за истиот тој период.
Експертите ги испитувале малите честички кои претставуваат голема опасност за здравјето, бидејќи овие честички можат да се наталожат длабоко во долните дишни патишта и воздушните кеси во белите дробови и да навлезат во циркулаторниот систем.
Овие мали честички се мешавина од екстремно мали честички и течни капки кои навлегуваат во воздухот и штом еднаш се вдишат можат негативно да влијаат врз многу аспекти на здравјето на лицата.
За време на испитувањето, експертите ги поврзале географските координати на местото на живеење на секоја мајка која родила во тој период, со најблиската станица за следење на загаденоста и ја пресметале просечната изложеност. Потоа направиле проценка на врската помеѓу абнормалностите во раѓањето и изложеноста на мајката на поголемо количество мали честички во воздухот за време на нејзината бременост.
Од сите родени бебиња во одреден период, 3 % од нив се раѓаат со одредени дефекти. Но тоа не е сѐ. Загадувањето на воздухот ја намалува и плодноста на мажите. Мажите кои редовно се изложени на загаден воздух имаат зголемен ризик од послаб квалитет на спермата. Во најновите истражувања откриена е тесна врска помеѓу изложеноста на ПМ2.5 честичките и абнормалниот облик на спермата, што резултира во неплодност кај значително голем број на двојки.
Крај