Какви мажи бараат жените во Македонија?
Тој е згоден, образован и економски добро ситуиран… Ваков “модел” за идеален маж имат многу девојки, но не е така лесно да се пронајде соодветниот “материјал”. Во судир со реалноста се гасат многу соништа и затоа жените стануваат попребирливи отколку на самиот почеток на “потрагата” по идеалниот маж.
Изборот на слободни мажи е се помал, што значи времето и околностите не одат во прилог на оваа потрага. Тешко е да се најде некој кој во исто време е и згоден и образован и богат т.е. “три во едно”, бидејќи таквите мажи се многу ретки. И жените при дефинирање на критериумите за избор на маж, мораат малку да се погледнат себеси во огледало и пореално да се согледаат за да видат што можат да му понудат на посилниот пол.
Нормалните жени и денес настојуваат да најдат партнер со кој ќе можат да воспостават врска исполнета со љубов, почитување и доверба. Ценат и бараат емотивност, сигурност и ментална зрелост. Сеуште преовладува потребата да ве сака некој и вие да го сакате, да биде добар кон вас, искрен, да ве почитува и да ги уважува вашите желби и потреби, исто како што постои и потреба и желба и вие така да се однесувате со него, за да постои взаемно давање. Добриот физички изглед е она што прво го привлекува вниманието на сите нас, но после првиот поглед ние обраќаме внимание и на другите квалитети, на карактеристиките на личноста која нас не заинтересирала. Стереотипите дека сите мажи се исти, а дека на денешните жени им се важни само парите наметнуваат една таблоидна реалност, која нажалост многу ја прифаќаат за вистинска реалност, па бидејќи не одговараат на наметнатите слики, стануваат несигурни во себе, не развиваат самодоверба и не веруваат во сопствената вредност.
Сите врски со “алфа мажјаци” и со “спонзоруши” се со многу краток век бидејќи таквата “љубов” многу брзо се гаси и на крај станува само материјал за жолт печат и црна хроника. Таквите живеат во некој свој свет и во тој свет зрелите, нормални и вредни млади личности немаат што да бараат, бидејќи не припаѓаат тука.
Денес премногу се глорификува материјалното богатство. Кога тоа би било основен критериум, повеќето од нас би останале сами. Факт е дека материјалната сигурност го олеснува животот, но љубовта, волјата и желбата, способноста да се создава и напредува, способноста да се одречеме од некои моментални потреби во интерес на подолгорочни цели, формирањето заедница и семејство, ја надминуваат доминацијата на материјалниот момент.
За разлика од генерациите кои се насочени кон литература и романтизам и кои ја идеализираат љубовта и љубовниот занес, денес под влијание на медиумите се создава вулгаризирана слика за “идеалниот” маж кој е богат, а соништата на многу млади и незрели жени се состојат од неограничен “шопинг” и брендирана облека, патување на Малдиви и добар автомобил. За среќа, таквите жени се малцинство.
Коментарите на интернет форумите покажуваат дека мажите денес се доста несигурни во себе поради сопствената нереализираност, лошата економска ситуација и промените во улогите кои жените и мажите ги имаат во општеството. Несигуни во себе, се колебаат да им пристапат на девојките кои им се допаѓаат. Затоа пристапуваат похрабрите кои во главно се балкански алфа мажјаци, кои имаат пари, но немаат манири и често ги третираат жените како украс и не ги почитуваат.
Затоа често ќе слушнете како жените коментираат дека мажите се свињи и дека сите се исти, а од мажите ќе слушнете дека жените се спонзоруши, односно дека им се важни само парите, што во принцип не е точно, барем не за сите генерално.
Жените често го чекаат принцот на бел коњ, но забораваат на фактот дека и тие самите не се принцези. Критериумите им се многу високи при изборот на маж. Така имате ситуација просечните или подпросечните жени да ги одбиват мажите кои се далеку пред нив во секој поглед. Одредени жени во нашата земја сметаат дека е доволно да се биде убава и не се трудат освен убавина, да покажат и нешто друго.
Одредени експерти сметаат дека на жените им е впишано во гените да го сакаат само најдоброто и нив ќе им се допадне само еден од десет мажи. Останатите деветмина нема ни да ги забележат. Од друга страна пак, на мажите ќе им се допаднат пет од десет девојки, бидејќи се помалку пребирливи.
Крај