Кога и зошто луѓето започнале да украсуваат елка?
Зимзеленото дрво било антички симбол на животот во зимските денови. Римјаните ги украсувале своите куќи со зимзелени гранки во текот на Новата Година, а древните жители од Северна Европа ги сечеле зимзелените дрва и ги засадувале во кутии во нивните куќи во зимскиот период.
Но, сѐ до ренесансата нема јасна евиденција за дрвјата како симбол за Божиќ. Сѐ започнува во Латвија во 1510 и Стразбур во 1521 година: легендата кажува дека протестантскиот реформатор Мартин Лутер ја измислил новогодишната елка, но приказната има малку поинаква историска основа.
Најверојатната теорија е дека божиќните елки започнале со средновековните драми. Драмите што ги опишувале библиските теми започнале како дел од обожавањето на црквата, но до доцниот среден век, излегле од контрола и почнале да се одржуваат на отворено. Драмите што го славеле Рождеството биле поврзани со приказната за создавањето – делумно затоа што Бадник, исто така бил празник и на Адам и Ева. Така, како дел од претставата за тој ден, Едемската градина била симболизирана со “рајско дрво” на кое имале обесено различни плодови.
Овие драми биле забранети на многу места во 16 век, а луѓето најверојатно започнале да поставуваат “рајски дрвја” во своите домови за да ја надоместат јавната прослава во којашто веќе не можеле да уживаат. Најраните божиќни дрвја (или зимзелени гранки) што се користеле во домовите се нарекувале “рајски”. Тие често ги декорирале со тркалезни печени лепчиња, за подоцна да преминат во украсување со колачиња.
Овој обичај се здобил со популарност во текот на 17-тиот и 18-тиот век. Веднаш до дрвото се поставувале и дрвени “пирамиди” – полици со свеќи, најчесто по една свеќа за секој член на семејството. На крајот овие пирамиди со свеќи почнале да ги поставуваат на елките и тие се всушност предци на современите новогодишни светилки и орнаменти.
Крај