Лоши навики со кои се уништувате
Издвојуваме десет многу чести, но очајни навики со кои самите себеси се уништувате.
Нашиот ум и расположение се многу осетливи на светот кој не опкружува. Вознемирувачките настани во животот – лошо раскинување на врска, невработеност, загубата на некоја драга личност – често пати не здрмуваат или не оставаат тажни (што е сосема нормално), но и нашето секојдневие и начин на размислување имаат доста големо влијание на расположението. Лошите навики можат да влијаат на нашето ментално здравје, без оглед дали се работи за еден тажен ден или потполна депресија и анксиозност.
За среќа, поголемиот дел од овие ментални замки можат да се избегнат. Во прилог прочитајте кои се тие и како можете да ги избегнете:
Избегнување физичка активност
Зошто е штетно: Покрај одржувањето на телото во добра форма, физичката активност има клучна улога во подигнување на расположението, а истражувањата покажуваат дека може да ги ублажи симптомите на депресија и анксиозност. Редовното вежбање има позитивен ефект на мозочните хемикалии и хормони кои се поврзани со расположението па може да има повеќекратна психолошка корист (како што е зголемување на самодовербата) која поттикнува подобро ментално здравје.
Што можете да направите: Ако се борите за да одржувате распоред на вежбање, тоа може да значи дека распоредот ви е премногу амбициозен. За почеток, обидете се да одвоите петнаесет до дваесет минути за брза прошетка секој ден. Истражувањата покажуваат дека и најумерената физичка активност го подобрува расположението.
Игнорирање на нередот
Зошто е штетно: Иако вашиот нагон за прибирање на работите е во границите на нормала, неконтролираниот неред во вашиот дом може да биде суптилен извор на психолошки тегоби. Поради нередот се чувствуваме, натоварени и буквално и фигуративно. Истражувањата покажуваат дека тоа се поврзува со депресија, анксиозност па дури и со дебелеење.
Што можете да направите: Ако нешто не сте користеле дванаесет месеци, време е да се ослободите од тие работи. И наместо да трошите уште повеќе пари на работи кои вам и не ви се толку потребни, размислете да ги заштедите за посебни прилики или за краток одмор. Истражувањата покажуваат дека овие таканаречени искуствени купувања, купуваат повеќе среќа од материјалните добра.
Недоволна количина сон
Зошто е штетно: Секој кој недоволно спие, чувствува раздразливост, стрес и сивило кое често може да продолжи и наредниот ден. Ако откажувањето од сон и пореметувањата станат хронични, се зголемува ризикот од развој на депресија и анксиозни пореметувања.
Што можете да направите: Дајте му приоритет на спиењето и практикувајте здрави навики за спиење, како што е ограничувањето на внесот на алкохол и кофеин во часовите пред спиење (или воопшто). Многу е важно и да не користите компјутер, таблет и мобилен телефон во доцните часови, светлината која ја емитуваат овие уреди го потиснува хормонот за сон, мелатонин и може да го поремети вашиот биоритам.
Премногу алкохол
Зошто е штетно: Алкохолот на нервниот систем делува како депресант, ве успорува и потенцијално го намалува расположението. Алкохолот во вечерните часови има тенденција да предизвика често будење во текот на ноќта што влијае на квалитетот на сонот.
Што можете да направите: Ограничете ја количината алкохол што ја внесувате, т.е. како што препорачуваат лекарите – една чаша алкохол за жени и две чаши дневно за мажи (Препорака: Алкохолот воопшто не ви е потребен во животот!)
Опсесивно размислување
Зошто е штетно: Константното превртување на исти мисли го става вашето тело и мозок во стресна состојба која е позната и како борба или бегство. Дишењето и отчукувањата на срцето се забрзуваат, а вашето тело ослободува хормон за стрес кортизол кој е штетен за вашето физичко и емоционално здравје.
Што можете да направите: Научете да ги препознавате мислите кои вас најмногу ве окупираат па тренирајте се да ги избегнувате овие опсесивни патишта. Она што помага во таквите ситуации е длабоко дишење, масажа, брзо одење…
Потиснување на бесот
Зошто е штетно: Бесот и фрустрацијата се сосема нормални реакции на неизбежните животни предизвици. Но, кога таквите чувства ги потиснувате, тоа може да има спротивен ефект. Повеќето студии потврдиле дека потиснатиот бес и лутина се поврзани со симптомите на депресија.
Што можете да направите: Важно е да ги изразувате негативните емоции, но само на соодветни начини. Ако можете да го искомуницирате својот бес на асертивен, но мирен начин, веројатно ќе се чувствувате подобро после тоа.
Друштвена изолација
Зошто е штетно: Иако повлекувањето од фамилијата и пријателите е најчест симптом на депресија и анксиозност, друштвената изолација а особено чувството на осаменост исто така ја зголемува веројатноста за доживување проблем со менталното здравје. По истиот принцип, силните врски имаат тенденција да се штитат од депресија и го зголемуваат чувството на среќа.
Што можете да направите: Дури и кога сте преокупирани со обврски и не сте расположени, потрудете се да се поврзете со пријателите и најблиските па дури и на неколку минути. Таквите друштвени интеракции го подигнуваат расположението, а често пати се и позабавни отколку што очекуваме.
Перфекционизам
Зошто е штетно: Ако се обидувате да задоволите недостижно високи стандарди во сѐ што правите, независно дали е во прашање денешната вечера или утрешната презентација, тоа е рецепт за разочарување и ниско ниво на самопочит. Воопшто не е изненадување што перфексионизмот се поврзува со пакетот ментално здравје кој вклучува депресија, анксиозност и пореметување во исхраната.
Што можете да направите: Наместо перфекционизам, тежнејте кон она што докторите за ментално здравје го нарекуваат здраво тежнеење. Тоа значи поставување повеќе остварливи цели, при што грешките кои ќе ги направите служат за да научите од нив и најважно од сѐ, уживајте во патувањето а не само во одредиштето.
Песимизам
Зошто е штетно: Личностите кои константно ја гледаат чашата како до пола празна се повеќе подложни на депресија, анксиозност, пореметување во спиењето и други здравствени проблеми. Оптимизмот од друга страна, помага во совладување и заштита од споменатите заболувања.
Што можете да направите: Вежбајте фокусирање на мислите на позитивни работи. (Список со работи за кои сте благодарни во животот може да биде од голема помош). А ако не се чувствувате посреќни, претварајте се додека и тоа не стане реалност. Истражувањата покажуваат дека насмевката може да помогне да се чувствувате посреќни и пооптимистични за сегашноста и иднината.
Престој во затворен простор
Зошто е штетно: Прекумерниот престој во затворен простор ве лиши од две состојки важни за вашето ментално здравје: витамин Д кој во организмот се произведува за време на изложеност на сончева светлина ( и за кој е докажано дека штити од развој на депресија) и самата природа која вас може да ве смири на потсвесно ниво. Неодамнешните истражувања покажуваат дека лицата кои шетаат во природа се посмирени и помалку изложени на фрустрации во однос на лицата кои се движат во прометни градски улици.
Што можете да направите: Излезете надвор! Ако работите во канцеларија, прошетајте во паркот (ако е можно) или седете надвор за време на пауза. Дури и мала количина сончева светлина (десет минути) може навистина да ви помогне да се чувствувате подобро.
Извор: opusteno.rs
Крај