Најголема е веројатноста овие мажи да го земат презимето од сопругата
Дали мажите треба да го сменат презимето кога ќе стапат во брак?
Дури и кога традиционалните родови улоги се префрлаат за да се создадат порамноправни бракови, постои една застарена практика која сè уште трае: жената да го земе презимето на нејзиниот сопруг. Но, колку често се случува обратното? Кои се тие мажи што ги земаат презимињата на нивните сопруги и што сите тие имаат заедничко?
За да одговорат на овие прашања, професори по социологија од Универзитетот во Портланд, ги анализирале податоците собрани од националното репрезентативно истражување, барајќи од мажите да одговорат дали тие направиле некаква промена во нивните презимиња кога стапиле во брак. Од анкетираните 877 мажи, само 3% (вкупно 27 мажи) го смениле презимето. Мнозинството од тие мажи (25) го зеле презимето од својата сопруга, додека 2 на своето презиме го додале и она од сопругата.
Од мажите кои не направиле промена во презимето, 87% известиле дека нивната сопруга го зела нивното презимето.
Според студијата, најголемо влијание врз ваквата одлука имало нивото на образование на мажот (неговото и во однос на неговата сопруга). Меѓу мажите со помалку од средно образование, 10,3% го смениле презимето. Овој процент се намалил кај мажите со средно образование и стручна школа. Ниту еден од испитаниците со факултетска диплома и повисоко ниво на образование не го промениле своето презиме.
Оние кои ја спроведувале студијата образложиле дека овој тренд нема никаква врска со ставовите на мажите за улогата на половите. Наместо тоа, мажите со повисоко образование и поголемо професионално признавање потенцијално имаат повеќе да изгубат со промената на презимето.
Истото важи и за жените кои работат. Многу жени стапуваат во брак подоцна, најчесто откако ќе се докажат во својата кариера и одлучуваат да го задржат своето презиме како дел од нивниот професионален идентитет.
Иако во семејствата со двоен приход, и мажите и жените можат да имаат корист од задржувањето на нивните презимиња, современото општество сè уште очекува жените – и само жените – да го променат своето презиме.
Иако студијата покажува дека како што се зголемува нивото на образование на мажите се намалува веројатноста тие да го земат презимето од нивните сопруги, имало и значаен исклучок од овој тренд. Кога жените имале повисоко ниво на образование од нивните сопрузи, помала била веројатноста мажите да го сменат презимето. Бидејќи жените со повисоко ниво на образование исто така имаат поголем потенцијал за заработка, нивните сопрузи ги задржувале своите презимиња како начин да задржат одредени аспекти од традиционалните родови улоги и да компензираат за тоа што не се ”глава” на семејството.
Крај