Најчести причини за неплодност
Статистиката покажува дека речиси во секој трет брак, младите имаат потешкотии да се реализираат како родители. ‘’Виновникот‘’ за ваквата состојба е подеднаков во однос на полот. Претходно, жената беше единствениот ‘’виновник‘’ за неплодниот брак, но истражувањата покажуваат дека подеднакво проблемите доаѓаат и од мажот и од жената.
Најчести причини за неплодност кај жените се: хормоналниот дисбаланс, полицистични јајници, ендометриоза, непроодни јајцеводи, зголемен пролактин, зголемено ниво на инсулин, недостиг на одредени нутриенти како железо, недостиг на фолна киселина, стресот итн.
Токму овие причини за неплодност се создаваат со несоодветен начин на живеење во кој ‘’нездравиот’’ начин на исхрана ја има главната улога. Без разлика за кои причини станува збор, треба веднаш да се работи на нивна комплетна елиминација. Неплодноста кај жените е конечна само кога е направена хистеректомија. Сите други причини се решаваат во догледно време само со внесување на позитивни промени во животот.
Вратете го биоритамот во нормала.
Потрудете се навреме да си легнувате бидејќи сонот помеѓу 22:00 и 2:00 часот ве полни со мелетонин – хормон кој за жал се помалку го имаме поради нарушениот ред на спиење. Секојдневниот недостиг на овој хормон доведува до дисбаланс и на другите хормони, како и намалено ниво на серотонин. Со самото тоа се крати времетраењето на плодните денови, па можноста за забременување опаѓа.
Хранете се здраво.
За да се доведе телото во добар хормонален баланс, да се воспостави редовен менструален циклус, измените во начинот на исхрана се задолжителни.
Многу е важно да се исклучи од исхраната високо процесуирана храна: брза храна, пица, хамбургери, пржена храна, прости шеќери во вид на чоколади, сладоледи, густи и газирани сокови, леб и печива од бело брашно, маргарин итн.
3-4 пати во неделата може да се пие по една чаша добро вино со ручекот или вечерата, но секојдневното консумирање на алкохол треба да се исклучи. Цигарите повеќе од јасно е дека целосно треба да се исфрлат, а кафето да се намали до една шолја на ден.
Секој ден треба да се консумира најмалку 1,5 литар вода, бидејќи таа е најголемиот детоксикатор на телото. Покрај водата добро е да се пијат и свежо цедени сокови бидејќи со нив ќе го зголемите количеството на консумирано свежо овошје и зеленчук.
Секој ден задолжително треба да се консумира свежо овошје и зеленчук, за да се алкализира телото и да се снабди со ензими кои значат живот за клетките.
Чадената риба и чаденото месо треба да се заменат со природно месо подготвено на здрав начин.
Од млечните производи, сурутката е на прво место, но можете умерено да консумирате и кисело млеко со нормална масленост и пробиотици. Сите обезмастени млека и јогурти се неприродни! Сирењето и кашкавалот треба да се избегнуваат бидејќи го закиселуваат телото.
Внимавајте: треба да одбегнувате одредена здрава храна, во моментите кога сакате да го подготвите телото за бременост. Тоа е храната која го намалува нивото на естрогените и за жал тука спаѓаат зелката, брокулата, карфиолот, кељот и прокељот.
Извор: ваш аптекар
Крај