Најдобрите напитоци за идните мајки
Ниеден организам не може да функционира без течности, па затоа се препорачува дневно да пиете најмалку литар и пол вода, но и неколку чаши природни овошни сокови. Ова правило е особено важно за идните мајки кои освен својот, треба да го хранат и организмот на бебето. Во прилог следуваат 8 видови напитоци кои трудниците можат да ги консумираат без ограничување.
1. Вода
Иако човековиот организам без храна може да опстане и до 2 месеци, без вода може да издржи само неколку денови. Сите реакции во организмот настануваат исклучиво со помош на течностите, а водата е токму таа течност која овозможува транспорт и дистрибуција на хранливите состојки по целото тело.
2. Сок од ананас
Одличен е за варење, што е особено важно за идните мајки со оглед на тоа што поголемиот дел од нив патат од запек. Сокот од ананас успешно ги заменува класичните освежителни напитоци и претставува еден од најпријатните начини за гасење жед. Освен тоа, ја ублажува кашлицата. Доста добро е позната и дигестивната моќ на ананасот: заслугата му припаѓа на бромелинот, ензим кој го олеснува варењето на протеините. Најдобро е да се пие свеж, тазе исцеден сок – варениот и пастеризираниот сок ги губи ензимите.
3. Сок од јаболко
Јаболкото е овошје со најмногу благодети за организмот и ја има таа предност што е достапно во текот на целата година. Сокот од јаболко е познат и ценет поради низа добри особини: ги зајакнува нервите и мускулите, делува и како диуретик, го дезинфицира системот за варење на храната и обезбедува правилна работа на цревата. Освен тоа, свежиот сок од јаболко содржи и лимонска киселина, витамин Ц, витамини од групата Б и разни видови шеќери, особено фруктоза. Со оглед дека е нискокалоричен (околу 50 калории на секои 100 грама), овој сок особено се препорачува за оние кои не сакаат да се здебелат.
4. Сок од грејпфрут
Многубројните испитувања ги потврдуваат антибактериските и антимикотичните (фармацевски средства против габи) својства на грејпфрутот. Плодот и неговиот нектар ги зајакнуваат одбранбените способности на организмот. Доколку секое утро пиете свеж сок од жолт или црвен грејпфрут, ќе се заштитите од поголемиот број вируси кои обично се јавуваат во овој период од годината. Доколку сакате да ги искористите сите предности на грејпфрутот, немојте да се ограничите само на цеден сок. Изобилство од хранливи состојки ќе најдете токму во кората и тенките бели кожички на ова овошје. Најдобро е да се исцеди или да се подели на кришки и тие да се стават директно во соковник.
5. Сок од портокал
Портокалот изобилува со витамин Ц. Со само 100мл сок, ќе внесете околу 65% од препорачаната дневна доза од овој витамин. Исцедениот сок од портокал треба веднаш да го испиете, бидејќи витаминот Ц брзо пропаѓа. Задоволството од ова овошје им е скратено на оние личности кои имаат некаква болест на хранопроводот, гастритис, камен во бубрезите или се алергични на портокал.
6. Сок од морков
Познат во кујната како неопходна состојка за супи или некои други чорби, морковот е прав еликсир за здравје. Неговиот сок игра важна улога во сочувувањето на цревната бактериска флора, што е важен предуслов за здравјето на цревата. Освен тоа, сокот од морков е богат со витамин А во облик на бетакаротен, корисен за видот и спречување на кожни оболувања како што се акните и еритемите.
7. Сок од лимон
Овој сок содржи многу витамини, а особено витамин Ц кој ја олеснува апсорпцијата на железото во желудникот, па е драгоцен во случај на отежнато варење на храната. Благодарение на високата алкална вредност, сокот од лимон дезинфицира и чисти, а е во состојба да го намали евентуалниот вишок киселини во организмот од кои најчесто патат поголемиот број трудници. Сепак, немојте да ја конзумирате лимонадата ладна, туку млака или загреана на собна температура.
8. Млеко и јогурт
Млекото и киселите млечни напитоци представуваат група намирници кои го сочинуваат темелот на правилната исхрана. “Белиот нектар” е ризница на калциум и фосфор, протеини со високи биолошки вредности, витамини А, Д, Б2 и Б12. Високиот процент на калциум (околу 120 милиграми на секои 100 грама) го прави млекото сојузник во формирањето на коските и забите и во сочувањето на одредени процеси како што се контракциите на мускулите и коагулацијата на крвта.
Крај