Не ги сакам децата на ист начин!
Кого го сакаш повеќе? – Јас и мојот брат сигурно сме и го поставиле ова прашање на мајка ми повеќе од илјада пати низ годините. Но, таа никогаш не ни одговори. Ниту еднаш не кажа збор поради кој јас или мојот брат би се посомневале дека другиот го сака повеќе.
Секогаш кога ќе и го поставевме тоа прашање, таа го задржуваше мирниот израз на лицето и блесокот во очите додека не уверуваше дека двајцата не сака подеднакво.
Оваа мисла помина низ мојата глава пред неколку години додека го очекував второто дете. Ми се појави среде ноќ и се најдов себеси како стојам на вратата од собата на мојот син. Ме обзеде силен страв дека откако ќе се роди бебето, можеби нема да го сакам мојот син онака како што сега го сакам. Таа мисла ми го одземаше сонот навечер и правеше да се прашувам како ќе најдам место во моето срце за уште дете, кога тоа и онака е веќе преполно со љубов за првото.
Но, кога се роди другото дете, моето срце порасна во истиот момент надминувајќи сѐ што некогаш можев да замислам. Го сакав бебето со целото мое срце. А неговиот постар брат некако почнав да го сакам уште повеќе од порано.
Вистината е дека не ги сакам децата на ист начин, но сега сфаќам дека тоа воопшто не е цел на родителите. Мојата љубов кон нив е уникатна како што се и тие, секој на свој начин.
Го сакам мојот постар син затоа што е совршена копија на најдобриот човек што го познавам – неговиот татко. Го сакам заради тоа што секогаш сака авантури и да истражува. Го сакам пламенот во неговите очи.
Го сакам најмалото дете затоа што во неговата насмевка ја пронаоѓам мојата. Го сакам заради неговата блискост, заради начинот на кој ме прегрнува и не сака да ме пушти. Го сакам заради сјајот во неговите плави очи додека го истражува светот околу него.
Кого го сакаш повеќе? – Истото прашање на кое нема одговор, но сега јас сум таа што се насмевнува и чии очи блескаат додека им кажува на своите деца дека ги сака подеднакво.
Само сега кога сум мајка, ја сфаќам искреноста во дипломатскиот одговор на мојата мајка!
Крај