Јас сум мајка на едно дете! – Престанете да ми ги кажувате овие работи
Растејќи, кога некој ќе ме прашаше колку деца сакам да имам еден ден, јас секогаш кажував: “Некаде меѓу четири и шест”. Возрасните ги креваа веѓите на тој број, бидејќи која тинејџерката вели дека сака шест деца?
Занесена во визијата за четири до шест деца, планирав да останам дома и да се грижам за децата и домот (и се разбира, да пишувам книги кои ќе станат бестселери). Кога сфатив колку сакам да работам и да градам кариера, тоа откритие дојде со неопходното прилагодување на моите планови, па мојот опсег се намали на две до три деца.
Потоа забременив и имав релативно лесна бременост – минимални утрински мачнини, без компликации, само потечени глуждови и киселини. Сепак, не ми се допадна бременоста, а уште помалку самиот чин на раѓање. А првите неколку месеци со новороденчето? Па, дефинитивно не сакам да го повторам тоа: лишена од спиење поради постпородилната анксиозност и депресија. Овој пат бројот на деца се намали уште повеќе, на само едно дете.
Сега, јас сум мајка на 4-годишно дете. Секогаш кога сме нерасположени, со сопругот го гледаме нашето љубопитно, весело и насмеано детенце и еден од нас ќе рече: “Речиси можам да разберам зошто луѓето го прават тоа повторно”. Тогаш другиот ќе каже: “Речиси , но не сосема”.
Шегата настрана – јас го разбирам импулсот. Жалам за оние тивки моменти кога малото бебе ви заспива во рацете. Но, исто така, копнеам за деновите пред бебето и за многу други моменти кои се во минатото. Кога ќе размислам за тоа, знам дека за моето семејство и околностите, едно дете е вистинскиот избор.
Па, навистина се нервирам кога ги слушам истите фрази од луѓе кои не го разбираат нашиот избор да имаме само едно дете. Престанете да им го кажувате ова на родителите (особено на мајките) кои имаат само едно дете.
Ќе се премислите.
Не се само овие зборови што ми пречат, туку и пропратното наведнување на главата на една страна додека го изговараат тоа и насмевката која ми ја упатуваат. Признавам дека не можеме да знаеме со 100 проценти сигурност што ности иднината. Но, јас ви ја кажувам мојата вистина во овој момент. Оние години кога тврдев дека сакам куќа полна со деца, јас всушност немав родено дете и немав променето четири полни пелени во рок од два часа. Сега, би рекла дека сум повеќе информирана отколку што некогаш сум била.
Зарем нема детето да биде осамено?
Оваа фраза навистина прави да чувствувам вина и затоа ве молам престанете да ми ставате сол на раната. Иако имам одличен однос со моите браќа и сестри и со сите нивни сопружници, знам дека повеќето семејства се нарушени од болни врски, па нема гаранција дека моето дете ќе биде посреќно со брат или сестра. Тоа има многу другарчиња во градинка, има братучеди (кои живеат во близина) и никогаш не е осамено.
Кој ќе му помага на детето да се грижи за вас кога вие ќе остарите?
Јас нема да бидам себична и да родам дете само за да има кој да се грижи за мене и за сопругот кога ќе бидеме стари. Не, не сакам нашето дете да биде оптоварено со грижата за нас – но тоа не е доволна причина да се донесе уште еден живот на свет.
Ќе видиш кога ќе имаш уште едно дете.
Оваа фраза не е во ред бидејќи претпоставувате дека сакаме и ќе имаме уште едно дете. Несомнено, родителите на повеќе деца имаат тешка работа. Но, секое семејство се справува со своите тешкотии и предизвици и бројот на децата не е мерило за тоа кој има потежок живот.
Сега ти треба само уште еден син!
Ова е најглупавата фраза! Што е тоа што синот ви го дава, а не можете да го добиете од ќерката? Или обратно? Јас во суштина не се согласувам со претпоставката дека полот одредува дали сакате да играте во нечистотија или да си играте со кукли. Денес, секој родител треба да ги охрабрува своите деца да го прават она што го сакаат. Половите стереотипи се глупост!
Дополнително, кој гарантира дека следниот пат ќе имам момче? Дали очекувате од мене само да продолжам да раѓам бебиња додека не родам син? Не, благодарам.
Ја сакам мојата ќерка и барем засега, таа е единственото дете што можам да го предвидам за моето семејство. Ги почитувам оние семејства кои се чувствуваат способни да донесат друго дете на светот. Верувам дека тие внимателно размислиле за таа одлука и затоа ги молам и кон мене да се однесуваат на ист начин.
Крај