Проблем со ноќно мокрење: Терапија од најмалку 3 месеци
Поголем број од децата над пет години, односно секое четврто дете во помалите одделенија во основните училишта има проблем со ноќно мокрење (енуреза). Причините се зголемено создавање мокрача или намален капацитет на бешиката, додека психолошките фактори не се чести. Па сепак, доколку проблемот траед долго и не се лечи на време, можат да настанат емотивни, социолошки и психолошки последици кај децата, предупредуваат педијатрите.
Најчеста причина за ноќното мокрење е полиуријата, односно зголемено создавање урина во текот на ноќта. Овој проблем потребно е да се лечи со терапија,советуваат педијатрите нефролози. Па, доколку детето има намален капацитет на бешиката или непрепознавање на потребата за мокрење во текот на сонот, тоа се веќе други две причини за појава на енуреза и примена на терапија. Генетскиот фактор, може да има влијание и е присутен во 77% од случаите.
Најчесто луѓето погрешно мислат дека стресот и грижата се главни предизвикувачи за ноќното мокрење кај децата. Но всушност, психолошкиот фактор е присутен само во 10% од случаите. Стресот најчесто е дополнителен фактор, а не причинител.
По посетата на доктор, редовниот преглед вклучува анализа на мокрачата, крвта, ултразвук и проверка на семејната историја на болести.
Во некои случаи ноќното мокрење може да биде и знак на сериозна болест на бубрезите. Важен фактор во испитувањето на причината е прашањето дали детето мокри во кревет секоја вечер и дали тоа се случува во текот на денот.
Терапиите кои ги препишуваат нефролозите траат во просек до три месеци, но можат да бидат продолжени и до година дена, па и подолго. Според проценките, со користење лекови проблемот целосно исчезнува кај најмалку 30% од децата, а кај повеќето значително се ублажува. За време на терапијата, потребно е внимателно да се следат упатствата на докторот.
Доколку терапијата од некоја причина не успее, потребно е повторно да се направат анализи. Кај 15% од децата, ноќното мокрење може само од себе да престане, без лекарска помош.
Во некои случаи, состојбата може дополнително да се влоши поради неадекватна реакција на родителите, кои често губат трпение после секојдневното пореметување на сонот. Токму тоа е причина за кампањите што се водат за препознавање и лечење на овој проблем навреме.
Многу родители се лутат, не знаат дека детето не мокри во кревет свесно и намерно. Поради станувањето навечер и прекинувањето на сонот, со тек на време родителите може да станат нервозни и нестрпливи. Детето тоа го сфаќа како лична грешка, па се повлекува во себе, станува тивко и недруштвено.
Доколку детето само престане да се мокри навечер, но по период подолг од шест месеци овој проблем повторно се јави, тоа значи дека дошло до секундарно ноќно мокрење, а причината може да биде стрес или привлекување на вниманието на родителите.
Извор: novosti.rs
Крај