Паричка се врти на Василица, а не на Бадник!
Една од дилемите на која се дискутира секоја година во Македонија, помеѓу православните христијани е дали паричка треба да се врти на Бадник или на Василица.
Според христијанскиот обичај, паричка во мазник се става на 14ти јануари, денот на Св. Василиј Велики, во народот познат како Василица или стара Нова година. Мазникот се дели на онолку делови колку што има членови во семејството или собраното друштво, едно за куќата, едно за Господ, се врти трипати и секој си зема по едно парче. Оној кој ќе ја најде паричката го добива благословот на Свети Василиј Велики за претстојната година.
Зошто на Василица, а не на Бадник?
Оваа традиција доаѓа од житието на Св. Василиј Велики.
Во времето кога Божјиот угодник Свети Василиј Велики станал Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на Свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од луѓето во Кесарија да го донесат сето свое злато, за кога ќе пристигне да му го понудат за да го поштеди народот од маки и страдања. Но во меѓувреме во градот пристигнале вести дека епархот е убиен. Така Свети Василиј останал со целото злато токму на Новогодишната вечер не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, тој ги замолил готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил златници. На денот на Новата Година кога сите луѓе отишле во црква, тој на секого му дал по едно лепче. Тоа што секој го нашол во лепчето било токму тоа што претходно го имале дадено. Свети Василиј им донесол и благослов на луѓето и радост заради избавувањето.
За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на стара Новата Година да се меси лепче со паричка во него во спомен на чудото, кое се случило во Кесарија.
Крај