Децата обожаваат да играат со овие предмети од домот, но дали се тие безбедни?
Секое дете сака да влегува во картонски кутии, да игра со клучевите од автомобилот и да ги притиска шишињата од лосионите. Но, дали некој од овие (или други) предмети кои ги имате во домот можат да бидат опасни?
Сигурно сте ги купиле најдобрите играчки за развојот на вашето дете, кои се соодветни за неговата возраст. Но, тие стојат недопрени, бидејќи детето повеќе сака да игра со далечинскиот управувач или со садот за вода кој му припаѓа на вашето куче. Но, дали е тоа безбедно? Дали има некоја штета ако детето е среќно што се забавува и учи за светот?
Играчките доаѓаат со предупредување дека не се погодни за употреба под одредена возраст, но тоа не е случај и со предметите од домот. За жал, постојат потенцијални опасности кои демнат во некои од предметите со кои децата сакаат да играат, па затоа прочитајте што треба да чувате надвор од нивниот дофат.
Метални клучеви
Децата ги сакаат затоа што се сјајни и со големина на играчки, прават звук на ѕвонење и се забавуваат да ги кријат и да ги бараат во мали места како џебови и торби.
Клучевите се направени од месинг или никел-месинг, а во некои е додадено и олово. Без разлика дали вашите клучеви содржат траги од олово, тие сигурно содржат траги од метал. Исто така, имаат тенденција да се ставаат во валкани и мрсни области. Клучевите воопшто не се безбедни за вашето дете да игра со нив и да ги става во устата, а острите рабови се потенцијална опасност за малите очи.
Металните клучеви не треба да ги чувате на дофат на децата. Најдобро е да им дадете пластични клучеви – играчки кои се безбедни за нив.
Далечински управувачи
Децата едноставно ги обожаваат! Сите оние шарени, меки копчиња кои покажуваат трепкачки светла кога се притискаат прават далечинските управувачи да бидат нивна омилена играчка, особено бидејќи можат да вклучат или исклучат други предмети.
За жал, далечинските управувачи се составени од многу мали делови, а некои сѐ уште користат литиум-јонски батерии со големина на монети, што може да биде фатално за децата ако ги голтнат.
И тука важи истиот совет: чувајте ги далечинските управувачи подалеку од децата!
Садови и играчки од домашните миленици
Децата ги сакаат играчките бидејќи тие изгледаат исто како и сите други на тепихот.
Домашните миленици се забавни за игра, но тие имаат многу бактерии во устата, а носат бактерии и од надвор. Играчките за џвакање, исто така, може да се распаднат на мали, опасни парчиња и постои потенцијал за конфликт помеѓу кучето и детето околу играчките или храната, што ретко завршува добро.
Игрчките и садовите за вода и храна од миленикот треба да ги чувате одвоено, а доколку не можете да ги чувате надвор од дофатот на детето, ова е добро време да го научите вашето дете на концептот “не допирај”.
Кутии за складирање храна
Кујната е полна со кутии и лименки во кои се чуваат пуканки, тестенини или зрна, а тие прават фантастични звуци.
Имајте на ум дека кутијата веројатно ќе се отвори, па дури и нешто што е херметички затворено може да се отвори со доволно удари, а децата ќе се обидат да стават во уста сѐ што ќе се истури од нив.
Можете да им дозволите на децата да играат, но бидете сигурни дека во кутијата нема нешто што може да предизвика опасност од задушување или алергии.
Опрема за готвење и прибор за јадење
Лажиците, шпатулите, садовите, тенџерињата и тавите се класични играчки кои исто така можат да бидат забавни инструменти.
Експертите потенцираат дека е добро да ги охрабрувате децата да играат улоги со дрвени лажици, силиконски шпатули и пластични чинии, но сите предмети не се безбедни за играње. Ако им дозволите на децата да си играат со тави и тенџериња, нема да разберат кога тоа е само играчка на подот наспроти кога е на шпоретот со врела храна која се готви.
Можете да им дозволите на децата да играат со сè, освен со тавите и тенџерињата.
Шишиња и туби со детски лосиони
Шишињата и тубите со детски креми и лосиони едноставно бараат да бидат тресени, исцедени и отворени за експеримент со цртање со прст.
Иако повеќето лосиони за бебиња се сосема безопасни, не е добро да им дозволувате на децата да играат со нив. Ако капачињата се одвртат, тие се ризик од гушење и децата ќе мислат дека е во ред да си играат со други кутии кои можат да содржат различни штетни материи, како што се лекови или средства за чистење.
Крај