Прескокнувањето на појадокот може да биде штетно за вашето срце
Постојат премногу докази со кои се тврди дека појадокот е навистина најважниот оброк во денот. Консумирањето храна во првите часови од утрото може да го регулира нивото на гликоза, да ја подобри менталната активност и да го регулира гладот. Според новите истражувања се истакнува уште една причина зошто не треба да чекаме да дојде време за ручек за да внесеме храна во организмот. Луѓето кои го прескокнуваат појадокот се изложени на поголем ризик од атеросклероза, болест предизвикана од натрупување наслаги во артериите.
Според истражувањата, луѓето кои јадат многу малку во утринските часови, односно кои наутро внесуваат помалку од 5% од потребните дневни калории или го прескокнуваат појадокот имаат 2.5 пати поголема веројатност за појава на атеросклероза. Ова значи дека наслагите почнуваат да се таложат на ѕидовите на артериите, да ги стврднуваат и стеснуваат и со тоа го зголемуваат ризикот од срцев или мозочен удар. Луѓето кои наутро внесуваат околу 5-20% од потребните дневни калории исто така се изложени на ризик од рани знаци за појава на оваа болест, додека оние кои наутро внесуваат над 20% од потребните дневни калории се најздрави.
Овие податоци не се сосема изненадувачки. Претходните испитувања покажале дека постои поврзаност помеѓу прескокнувањето на појадокот и здравствените проблеми како што се висок крвен притисок, висок холестерол, дијабетес и зголемена телесна тежина. Една теорија за овој тренд би можело да биде дека чекањето неколку часови по будење за да се консумира првиот оброк во денот може да предизвика хормонален дисбаланс. Времето помеѓу легнувањето и станувањето од кревет е најдолгиот период во кој повеќето од нас остануваат без јадење, и нашите тела очекуваат да консумираме храна за да ги поттикниме да ја стартуваат нашата енергија за тековниот ден. Друга теорија е дека луѓето кои не јадат на утро се толку гладни за време на ручекот што се прејадуваат, односно го преоптоваруваат организмот настојувајќи да ги надохнадат калориите кои им недостасуваат, поради што прескокнувањето на појадокот нема никаква смисла да биде некаква стратегија за диета.
Но, секако постојат многу луѓе кои го прескокнуваат појадокот и кои не се мотивирани да појадуваат од одредени здравствени причини или едноставно не сметаат дека имаат време или енергија да се хранат наутро пред да го напуштат својот дом. Ако и вие се вбројувате меѓу овие луѓе, тогаш би ве советувале секоја вечер да подготвувате едноставни оброци богати со протеини кои можете да ги понесете со вас наутро и на тој начин да го намалите ризикот од појава на сериозни заболувања.
Крај