Живот во заедница: Упатство за преживување
Животот под ист покрив со друго семејство може да биде супер само ако се плашите да останете сами дома. И нормално, уште една предност е дека секогаш имате на кого да му ги оставите вашите деца при итни случаи.
Кај нас во Македонија се радуваат кога ќе се роди машко дете, бидејќи се родил наследник – оној кој ќе го наследи имотот, куќата, презимето итн….Тој наследник кога ќе основа свое семејство ќе си го тера животот во иста куќа со родителите, братот или во полош случај и со стрикото, стрината и нивното семејство. Сигурно сите знаете по некој пример каде во една куќа живеат неколку семејства што едноставно не знаете кој на кого што му е. Некои имаат свој спрат, а некои го делат со останатите членови од фамилијата.
Во најчест случај, делењето ист спрат со некој друг всушност се сведува на користење две соби и заедничка бања. Најчесто секоја генерација си е во своја соба, а меѓу себе се одделени со друга соба која си стои празна, бидејќи и ѕидовите имаат уши и не се доволно дебели. Овие соби најчесто се користат за фамилијарни слави – ретки моменти кога со заеднички сили сите се трудат да им прикажат на гостите дека живеат идеално и хармонично.
Како да го преживеете животот во заедница?
Животот во заедница е сосема вообичаена појава во Македонија. Ретки се родителите кои најпрво ги осамостојуваат своите деца, кои дури потоа основаат свое семејство настрана.
Најголем кривец за оваа појава се материјалните услови, но во голема мера е и воспитувањето, обичајот и прифаќањето на заедничкиот живот како нормална појава, што всушност не е!
Животот во заедница бара многу трпение, толеранција, живци, непријатности, попуштање, компромис, развивање тактики и техники за преживување. Но сето ова е невозможно да го поседуваме во неограничени количини. Затоа треба да развиеме и некои свои методи како на пример:
Изолација: Повлечете се и имајте што помалку контакти со домашните што е и единствен сигурен начин да избегнете конфликти. Така ќе добиете малку приватност и ќе им дадете приватност и на останатите во куќата. А и тешко дека секој ден ќе наоѓате нова тема за разговор со некој со кој постојано живеете.
Намќорење: Ако на сите им посветувате момент внимание, а се бара повеќе од тоа, тогаш немате време за себе и за своите обврски. Затоа понекогаш бидете нељубезни, некултурни и себични и не губете време да ги завршите своите обврски. Молчете, игнорирајте, правете се дека не гледате и не слушате и бркајте си ја работата.
Одење на прсти: Ова е техника за преживување во заедница која ја користат луѓето кои живеат на горниот спрат. Одете на прсти за да не ве слушнат дека сте будни, да ве остават да си го испиете утринското кафе на раат, да не го разбудите бебето или некој друг кој одмара во попладневните часови. А доколку некој ве фати на дело, изговорот е дека одењето на прсти е добро за рамни стапала.
“Каснете си го јазикот”: Оваа вештина вклучува толеранција, компромис, трпение и добри живци. Понекогаш е тешко да ја совледате.
Секојдневна прошетка: Без обзир на временските услови, тоа е најчесто единствен начин да бидете сами со себе и со вашето семејство, да поразговарате со некој, а притоа никој да не ве слуша. И секако излегувајте тивко и на прсти. Убаво е да одржувате кондиција!
Трупање алишта во спалната соба: Добро, ова баш и не е некоја вештина за пофалба. Но убаво е понекогаш да трупате чиста облека во спалната соба додека плакарот не се испразни. Купот алишта кои треба да се приберат е одличен изговор за избегнување дружење кога не ви се сите овци на број и одличен изговор за интимни моменти со вашиот партнер. Бидејќи морате да се согласите дека интимноста во заедница е мисловна именка. Во таков случај доколку на забавата ви влезат несакани гости едноставно ќе зграбите парче облека и ќе викнете : “Излегувај, се преслекуваме!”
И секако бидете свесни дека и другите домашни ве трпат вас и вашето семејство, дека им паѓа мрак пред очи кога вашите деца поминуваат низ заедничкиот ходник со валкани чевли или кога ја отвораат и затвораат влезната врата која е дел од нивното приземје, бидејќи не знаат дали да влезат или да излезат.
Единствено што посакуваме сите е да имаме свој мир и приватност. Да речеме, на 40+ да не мораме да носиме градник под блузата. Никој нема лоши намери кога ќе дојде да види што правите. Но, како што се вели патот до пеколот е поплочен со добри намери. Бидете сигурни во тоа! Секако не е патот до волшебникот Оз, па за бегство не е доволно да тропнете со петите на вашите чевли. Потребни ви се неколку илјади евра или да изнајмите стан под кирија.
Крај