Работи од минатото кои вашите деца сигурно нема да ги разберат
Постоеше живот и пред интернетот и технологијата. И тоа, многу помирен и поопуштен живот. Да, точно е дека денес животот ни е олеснет на сите со тоа што сѐ ни е достапно со само еден клик, но дали можеби правејќи го тоа истовремено пропуштаме многу други работи?
Свесни сме дека многу работи се променети од времето на нашите родители, а да не зборуваме подалеку за она во кое растеле нашите баби и дедовци. И нашето време им е далечно и несфатливо на нашите деца и тоа ќе продолжи да биде така и понатаму и постојано да се врти во круг. И секоја генерација ќе кажува на наредната дека нивното време било многу подобро за живот.
Но, да не филозофираме премногу – текстов е да се потсетиме на убавите работи од не толку далечното минато кои нашите деца и денешните генерации сигурно нема да ги разберат:
ЈАВНИТЕ ГОВОРНИЦИ
Колку улици се поминуваа за да се стигне до најблиската говорница и какво беше чувството да разговараш со некој надвор од својот дом… А да не зборуваме за изненадувањето на домашните кога ќе им се јавевме од говорница, без да очекуваат повик од нас.
И денес има остатоци од овој изумрен вид, но ретко кој од денешните генерации го знае нивното значење и важноста што ја имаа.
ПЛОЧИ/КАСЕТИ
Порано беше навистина големо уживање да се посетуваат продавниците со плочи и касети и да се разгледуваат со часови за на крај да купите само една, а останатите да ги оставите за наред пат. Колкава беше само радоста на лицата на децата кога родителите ќе им купеа касета со омилениот цртан филм или омилените песни од детските фестивали.
За жал, денешните генерации никогаш нема да ја разберат таа среќа!
СТАРИТЕ ТЕЛЕФОНИ
Ах, старите добри телефони… Кога со часови седевме во близина бидејќи очекувавме повик или непријатниот момент кога се јавуваме кај другар или другарка и моравме да се претставиме кои сме, од каде сме, како се познаваме итн. Тука е и моментот кога чекавме некој да го заврши разговорот, за да можеме ние да го користиме телефонот и се разбира непишаното правило дека повиците после 21 часот се непристојни и резервирани само за ‘’не дај боже’’.
Денес ретко кој има домашен телефон, бидејќи секој член од семејството има свој мобилен телефон и сите се достапни 24/7.
Па, дали е ова подобро или полошо оставаме да кажете сами!
ЕНЦИКЛОПЕДИИТЕ
Навистина се чувствувавме како мали детективи кога ќе ја пронајдевме потребната информација во енциклопедија од 500 страни. За нас Google беа енциклопедиите и многу повеќе учевме од нив (сигурно ќе ја запомнете информацијата која сте се изнамачиле да ја најдете низ многуте страни).
ПЕЧАТЕНИТЕ МАПИ
Ниту едно патување не можеше да се замисли без мапата! Тоа беше првото и најважното нешто што требаше да се понесе кога одевме на одмор (па дури и да стануваше збор за патување во границите на нашата држава). Да, многу често се случуваше да се погреши патот и да се стигне на некое место кое не било во план да се посети – но токму таа неизвесност и авантура ги правеа патувањата поубави.
Денес сите имаат GPS уред во своите автомобили или GPS апликација на телефоните и без проблем стигнуваат до саканата дестинација, но дали денес одморот и патувањата го имаат истото значење од порано?
Факт е дека секојдневно се случуваат големи промени, технологијата постојано се развива и нешто што во моментов сите го гледаме со воодушевување за кратко време ќе биде застарена верзија на нешто поново и подобро.
Но, дали можеби ние се губиме во овој свет, слепо прифаќајќи ги промените без да се запрашаме како тие всушност не менуваат нас?
Извор: Зона Блог
Крај