Телесната температура треба секогаш да се мери на ист дел од телото
Симптомите на температура можат да напредуваат од тресење па сѐ до некое нарушуваање во организмот, несвест и прекумерно потење; над 40 °C личноста може да заспие и може да остане без воздух.
За секоја температура над 39 °C треба да се посети доктор, особено кога општата здравствена состојба се влошува, истакнува др. Тања Пекез Павлишко.
Сепак, таа тврди дека температурите над 40°C се многу ретки, освен кај топлинските удари. Таа предупредува дека не е добро да се туширате со ладна вода ниту да ставате ледено ладни облоги. Но, можете да се капете во вода која е 1-2 °C пониска од вообичаената телесна температура.
– Разладувајте се постепено и умерено за да не го шокирате вашиот организам дополнително – кажува др. Пеказ Павлишко. Додава и дека е опасно малите деца да се капат во ладна вода бидејќи тоа може да ги доведе во состојба на хипотермија.
-Симптомите напредуваат од тресење до некое нарушување во организмот, а во некои случаи и до смрт – објаснува таа. Не се препорачува ни снижување на температурата со алкохол. Тоа може да доведе до пијана состојба на детето бидејќи неговата кожа брзо го впива целиот алкохол кој потоа навлегува во крвта на детето.
Според маг. фармацевски специјалист за клиничка фармација Горан Перковиќ, телесната температура треба да ја снижуваме соодветно во зависност од возраста.
Кај малите деца под три месеци старост поради опасноста од фебрилни конвулзии, потребно е да се снижува и најмала покачена телесна температура, што значи и онаа која е помала од 38 °C ректално – говори Перковиќ и додава дека кај постарите деца треба да се снижува температурата над 38 °C под пазуви, односно 38.5 °C ректално, или ако е детето нервозно, дури и онаа пониска од тоа. Кај возрасните луѓе не е потребно да се снижува температурата под 37.5 °C , освен ако личноста не може нормално да функционира.
- Треба да се обрне внимание температурата секогаш да се мери на ист дел од телото – тврди Перковиќ.
Најголема грешка која ја прават луѓето е дозата на антипиретикот, лек кој се користи за намалување на покачена телесна температура.
- Дозата која ја користат лицата е често премала со оглед на нивната телесна тежина – истакнува Перковиќ
Не ги капете децата кои имаат покачена телесна температура
Некогаш се верувало дека капењето во ладна вода, ја намалува телесната температура кај децата – тоа е заблуда бидејќи малечките деца можат да паднат во состојба на преладување.
35 °C, постои опасност од хипотермија
Освен температурата од 35 °C, симптоми се и тресење, забавено дишење, губење свест, поспаност, мумлање и неразбирлив говор. Може да дојде и до збунетост и губење на меморијата кај болниот.
36 °C, од нормална до преладена состојба
На оваа температура можно е некои да се чувствуваат поладно, додека за други лица ова е нормална температура. Кај некои лица, можно е благо до умерено тресење.
37 °C, нормална состојба или почеток на болеста
Слично како и кај температурата од 36 °C, телесната температура може да варира. Како нормална температура се смета онаа помеѓу 36.5 °C и 37.5 °C. Сепак тоа е варијабилно. Некои во овој случај се чувствуваат полошо, имаат болки во коските и телото се загрева.
38 °C, треба да се посети доктор
Телото се загрева и доаѓа до состојба на хипертермија. Може да се забележи почесто потење, забрзана работа на срцето и забрзано дишење, а лицата чувствуваат благ до умерен замор. Експертите советуваат дека во овој случај треба да се посети доктор бидејќи постои можност за вирусна инфекција.
39 °C, задолжително е да побарате помош
Доаѓа до тешко и сѐ почесто потење. Можно е да се дојде до дехидрација и црвенило. Срцето чука сѐ посилно и се чувствува немоќ. Лицето е исцрпено и добива треска, а главоболките се сѐ посилни.
Ако сѐ уште не сте го направиле тоа, побарајте помош од доктор или одете на брза помош, особено ако температурата трае повеќе денови. Децата и епилептичарите можат да добијат конвулзии.
40 °C, опасно по живот
Ситуацијата е крајно сериозна. Доаѓа до дехидрација, повраќање, многу силни главоболки, несвест, треска и претерано потење кое може да биде опасно по живот. Кога температурата ќе се зголеми над 40 °C, може да дојде до халуцинации, дремка, лицето може да остане без воздух и срцето работи многу забрзано. Состојба на кома доаѓа при температура од 42 °C кога се зголемува крвниот притисок, а со 43 °C настапува смрт.
Пинокио ефект: Телесната температура може да се зголеми кога лажеме…
Една од бизарните работи поврзани со телесната температура е нејзиното зголемување кога лажеме. Тоа се случува поради покачување на нивото на хормонот за стрес кортизол, бидејќи лажењето е стресно. Тогаш доаѓа до т.н. Пинокио ефект, односно благо црвенило на подрачјето околу носот, каде крвните капилари се наоѓаат блиску до површината на кожата и служат како показатели за покачена температура.
Дигиталниот термометар е побезбеден од оној со жива
Термометарот со жива може лесно да пукне и доаѓа до испарување на живата. Вдишувањето на таквата пареа предизвикува сериозни последици како што се труење, губење на меморијата и несоница. Кај дигиталните термометри тоа не може да биде случај, процесот на мерење е многу побрз и се користат под пазуви, орално и анално.
Забрзана работа на тироидната жлезда е една од можните причинители за треска
Постојаната телесна температура која изнесува под 36.5 °C во текот на денот е показател за забавен метаболизам. Ако е придружена со симптоми како недостаток на енергија, поспаност, забавена дигестија, дебелеење, испукани нокти и испаѓање на коса – тоа може да укажува на забавена работа на тироидната жлезда односно хипотиреоза. Експертите тврдат дека ако некој вродено има природна температура од околу 37 °C, тоа не претставува причина за грижа. Ако до покачување на температурата дојде во одреден период од животот и тоа потрае подолго од месец дена, се препорачува посета на доктор.
Извор: 24sata.hr
Крај