Сонцето го менува својот облик, а не знаеме зошто
Според најновото истражување објавено во списанието Astrophysical Journal, на секои 11 години Сонцето расте и се смалува за 1 до 2 километри. Може да се рече дека тоа “дише”, иако многу полека.
Тоа се изразито слаби “вдишувања” и “издишувања”, додека пак дополнителните километри му го зголемуваат радиусот за најмногу 0,00029%.
Како и во неколку неодамнешни истражувања, научниот тим се фокусирал на протокот на плазмата која бега и се враќа на соларната површина. Се утврдува дека фреквенциите на плазма брановите кои се шират преку ѕвездите не се толку различни од звучните бранови кои ги произведуваат музичките инструменти.
Фреквенциите на брановите се менуваат во зависност од тоа колку е големо Сонцето, а тоа може да биде измерено од страна на научниците на Земјата. Сепак, тоа не е лесно. Требало да помине 21 година набљудување со два одвоени НАСА телескопи за да се дојде до ова откритие.
Целото ова “дишење” е поврзано со соларниот циклус.
Секои 11 години Сонцето се движи од соларен максимум до соларен минимум. На максимумот, сончевите пеѓи (темни дамки со интензивна магнетска активност) се појавуваат почесто и се собираат над и под екваторот. Повеќе сончеви пеѓи значи и поголема шанса да се појават соларни бури.
Оваа активност е поттикната од магнетската активност длабоко во Сонцето. Всушност, плазма брановите пливаат под површината во ред од неколку милиони метри, во близина на радиусот на Земјата.
Сонцето многу малку се шири за време на минимумот, а и многу малку се собира за време на максимумот. Иако научниот тим истакнува дека моментално нема теорија која ги поврзува поместувањата со промените на внатрешните магнетски турбуленции на Сонцето, тие сугерираат дека тоa е поврзано со промените на ориентацијата на магнетните полиња кои се јавуваат во текот на циклусот.
Областа на истражување е позната под името хелиосеизмологија, што во принцип е еквивалентна на земната сеизмологија, но во вселената.
Важно е да се напомене дека оваа неверојатно мала промена на сончевата димензија не влијае на климата на Земјата.
Извор: geek.hr
Крај