“Lotus Birth” – пракса која се применува по породување
Светската Здравствена Организација препорачува одложување на сечењето на папочната врвка (барем после 1 минута по раѓањето на бебето) за подобрени здравствени резултати кај мајката и бебето. Но некои луѓе ја одложуваат оваа процедура за значително подолго време. Еве што треба да знаете за таканареченото “Лотос раѓање” (Lotus Birth).
Исто така познато како “несечење на папочната врвка”, таканареченото лотос раѓање е пракса на оставање на папочната врвка непресечена по раѓањето на бебето, така што бебето сѐ уште е поврзано со плацентата до моментот додека врвката сама не се оддели. Ова обично се случува 3 до 12 дена по раѓањето на бебето.
Како тоа воопшто функционира? За да го постигнат тоа, родителите ја носат плацентата (која е сѐ уште поврзана со новороденчето) во сад. Оние родители кои веќе ја примениле оваа пракса препорачуваат плацентата да се обложи со сол или некакви билки за да се спречи ширење на непријатна миризба.
Зошто се применува оваа постапка? Луѓето кои го поддржуваат ваквото “лотос раѓање” истакнуваат дека продолжениот контакт со плацентата овозможува дополнителни здравствени придобивки, како на пример зголемена поврзаност помеѓу мајката и бебето и поголем имунитет на новороденчето. Други пак, го практикуваат поради духовни причини, верувајќи дека овозможува понежна транзиција од утробата во реалниот свет.
Експертите немаат завземено официјален став за ваквата постапка. Всушност, нема никакви медицински докази дека оваа пракса е од корист за бебето или дека таа може да биде штетна. Потенцијалните ризици се однесуваат на инфекција на плацентата и бебето, жолтица, полицитемија и непријатен мирис на плацентата во текот на деновите додека не падне папочната врвка. Оваа архаична пракса со недокажани здравствени придобивки не ги надминува потенцијалните опасности поврзани со ова невообичаено барање.
Сите ние се залагаме за правото на избор кога станува збор за раѓањето, но оваа пракса е чудна и со потенцијална опасност што едноставно не е вредна за ризикот кој треба да се превземе.
Крај