Прва помош при убоди од пчели, оси и стршни
Летото е период на комплетно уживање надвор и во природа. Сепак, покрај опасностите од високите температури и УВ зрачењето тука е и опасноста од убоди и каснувања од разни инсекти скриени во околните дрвја, тревни површини, цвеќиња итн.
За среќа, поголем број од инсектите од нашето поднебје не спаѓаат во категоријата опасни по живот, но често нивните убоди или каснувања можат да бидат непријатни и да предизвикаат помали здравствени нарушувања. Најчесто сѐ завршува во форма на јадеж, оток и црвенило, но во зависност од степенот на пречувствителност, некогаш и каснувањето од пчела може да биде смртоносно.
Многу често во летниот период сме мета на каснувања од оси, пчели или стршни. Каснувањата можат да бидат непријатни, па дури и опасни по живот.
Каснувањето предизвикува оток кој се шири околу самото место на каснување, местото е црвено и почнува да трне. Со цел да се спречи ширењето на отокот, најдобро е што е можно поскоро по каснувањето да се стави ладна облога или парче лед. Со ладењето се смалува отокот, а исто придонесува до намалување на болката и јадежот.
Каснувањата од оса и пчела наизглед се слични, но сепак, оној на пчелата е потежок бидејќи е појак алерген. Нивните убоди се разликуваат и по тоа што пчелата испушта повеќе отров и го остава осилото на местото на каснување. Поради ова, важно е осилото веднаш да се извади од местото на каснување со помош на ноктите доколку е можно, притоа да не се притисне ќесичката со што би се предизвикало излевање на преостанатиот отров. Осилото на стршленот е подолго и подебело. Обично се верува дека стршленот е поопасен од останатите инсекти. Неговото каснување е поболно, но само поради големината и дебелината на неговото осило што природно предизвикува поголема болка. Неговиот отров содржи супстанции кои предизвикуваат поголемо чувство на печење и жарење, но во суштина неговиот отров е помалку токсичен од оној на осата.
Извор: ваш аптекар
Крај