Учениците се “зависни” од приватни часови!?
Порано, родителите не кажуваа дека децата ги носат на приватни часови иако тоа ретко го практикуваа – најчесто пред контролен тест или во најлош случај ако детето мора да оди на поправен испит. Денес изгледа, се кријат информациите само ако детето нема помош од приватен наставник. И тоа не само понекогаш, туку и во текот на целата учебна година. Во просек секое четврто дете посетува приватни платени часови, но не како порано, по математика или англиски јазик, туку по скоро сите предмети. Уште поголема дилема се јавува пред фактот дека оваа појава масовно се раширила и кај малите деца од прво до четврто одделение во основните училишта. Дали оваа слика е одраз на некаква мода или вината треба да ја бараме во образовниот систем, наставниците, родителите и децата?
Порано приватните часови беа исклучок, а не правило. Повеќето наставници им пружаа на децата максимална помош за време на редовната, но и на дополнителната настава. Дополнителната настава беше задолжителна еднаш неделно, иако по потреба се одржуваше и почесто, особено при посложени задачи и теми. Децата се насочуваа да бидат колегијални, т.е. поуспешните ученици да им помагаат на своите другари на кои одреден предмет им бил потежок. Важно било да се совлада она што е предвидено по план и програма иако не било секогаш едноставно. Денес изгледа дека се е поинаку. Неколку објаснувања би можеле да бидат – пообемен материјал, оптовареност на наставниците со бројни формалности или незгодно работно време на родителите.
Јасно е дека во меѓувреме нешто се променило, но прашањето е – што? Наставниот план и програма не се многу изменети во однос на времето кога и ние родителите седевме во ученичките клупи, но сѐ останато е драстично променето.
Образовниот систем не може со соодветна брзина да ги прати промените кои се настанати. Децата се научени денес информациите да им бидат лесно достапни и на секое прашање брзо да дојдат до одговор. Таквото доживување на реалноста неретко кај нив предизвикува нестрпливост и немотивираност ако за наградата се чека долго. Нашиот образовен систем е замислен така што со работа и вежбање дома знаењето се зацврстува, а всушност тоа е токму она што недостасува. Во системот на префрлување одговорности, никој не е крив за тоа. Ако децата не успеваат со леснотија да ги исполнат поставените стандарди, а родителите работат до доцна, тогаш е логично да се обраќаат за помош од страна.
Решение би можело да биде воведување нови методи на учење или опремување на училниците во кои учениците низ игра и забава ќе учат нови поими и ќе ги развивааат своите способности. На тој начин децата и наставниците би биле мотивирани за работа, бидејќи би биле во чекор со барањата на современото општество, а потребата за дополнителни часови би се намалила.
Многу луѓе сметаат дека кривецот за оваа ситуација се родителите кои се сѐ помалку расположени да учат заедно со своите деца, па грижата на совест ја “перат” така што скапо ги плаќаат дополнителните часови или интервенираат секогаш кога нивното дете ќе добие лоша оценка, правејќи на тој начин тоа да се чувствува презаштитено, а со самото тоа и подготвено непримерно да се однесува на училиште.
Порано родителите имаа повеќе почит кон наставниците, што директно се одразуваше врз односот на децата кон самите наставници, кои не се плашеа, туку ги почитуваа наставниците, а денес се однесуваат како наставниците да треба да се плашат од децата.
Родителите денес, од преголема љубов, но и од незнаење, се обидуваат на сите начини да ги заштитат своите деца и тоа под овој изговор: “Да не се мачи детето”. Затоа им ги пишуваат домашните задачи или ги праќаат на редовни приватни часови. Децата се опуштаат, на редовната настава го исклучуваат мозокот бидејќи знаат дека ќе надоместат сѐ со приватниот учител, а на долг рок стануваат несигурни во себе, “зависни” од помош во учењето и несамостојни.
Но од друга страна, треба да се истакне дека во нашите училишта седат и многу интелегентни и прекрасни деца и треба да се пофалат родителите кои пред силата на машинеријата наречена “динамика” барем за момент ги застануваат стрелките на часовникот и седат покрај своето дете, возат велосипед, играат фудбал или читаат бајка пред спиење.
Извор: novosti.rs
Крај