Зошто ни е потребен витамин Д?
Витаминот Д или калциферол припаѓа во групата витамини растворливи во масти и е особено важен за правилен раст и развој на телото. Витаминот Д се синтетизира во организмот во присуство на сончевата светлина.
Покрај важната улога за правилен раст и развој на здрави коски и заби, витаминот Д учествува во многу други клеточни и невролошки функции во организмот, превенира состојби на метаболички нарушувања и е важен за одржување на здрав и силен имунолошки систем. Покрај ова, витаминот Д помага во лекување на повеќе здравствени состојби:
- превенција од остеопороза
- остеомалација
- рахитис
- кожни болести (псоријаза, витилиго)
- рак на дојка, простата и дебело црево
- мултиплекс склероза
- алцхајмер
- зголемен крвен притисок
- алергиски реакции
- настинки
Извор на витамин Д
Примарен извор на витаминот Д е сончевата светлина. Во летниот период потребни се само десетина минути изложеност на сонце за да се задоволат дневните потреби. Зимно време, периодот на изложеност е подолг, околу два часа. Се препорачува да се изложуваат лицето, рацете, нозете или грбот и тоа без користење на креми со заштитен фактор.
Покрај ова, храната е исто така важен извор за овој витамин, особено во зимскиот период кога изложеноста на сонце е помала. Најдобар извор преку храна на витаминот Д се: јајца, путер, млеко, харинга, лосос, сардина, пастрмка, рибино масло, шампињони итн.
Недостаток може да се појави поради неправилна исхрана или недоволно изложување на сонце. Ова најчесто предизвикува појава на рахитис кај децата, остеомалација (омекнување на коските) и остепороза кај возрасните. Кај вегани или кај сите оние кои не внесуваат доволно млечни призводи со исхраната, можно е да се појави недостаток од витамин Д.
Претпазливост
Подолго изложување на сончеви зраци нема позитивно да влијае врз организмот при синтеза на витаминот Д. Зголемените количини на овој витамин во организмот ќе предизвикаат појава на зголемен крвен притисок, главоболка, замор, намален апетит, вкус на метал во устата, повраќање, болки во бубрезите, жед и почесто мокрење. Предозирањето за време на бременоста може да предизвика оштетување на плодот. Затоа е потребно внимателно дозирање на препарати на витамин Д во нашиот организам. Нивната употреба треба секогаш да е во консултација со лекар или фармацевт.
Извор: ваш аптекар
Крај