Внимавајте на овие интернет измами
Со долгото искуство на користење на интернетот, сите ние веќе имаме шесто сетило за измамите – сите сме добиле е-пораки за милиони или богатства кои треба да бидат префрлени на нечија сметка, светкави прозорци со честитки дека сме победиле или сме добиле нешто.
Како што се развива интернет мрежата така се зголемуваат и усовршуваат и измамите. Па, во прилог прочитајте ги најпознатите модерни измами на кои треба да внимавате кога користите интернет.
Линкови во е-пораки
Сомнителните линкови се една од најчестите измами на интернет. Со кликање на овие линкови истите можат автоматски да се препратат на сите ваши контакти и да собираат податоци за истите. Избегнете ја ваквата измама и отворајте само линкови кои ви се испратени од луѓе во кои имате доверба и секако оние кои очекувате да ви бидат испратени.
Бесплатни патувања
Онлајн измамите за патување, како лажната промоција на Southwest Airlines, која неодамна кружеше на Фејсбук, нудејќи бесплатни авионски билети, во замена за анкета за услугите, се дизајнирани да бидат кликнати. Откако ќе го направите тоа, во вашиот компјутер се симнуваат вируси, а постои опасност и од превземање на вашите податоци. Затоа, следен пат пред да кликнете на некоја промоција, уверете се дека истата е од верификуваната социјална сметка на компанијата.
Понуди за работа од дома
Ако гледате реклама која тврди дека можете да заработите 13.000 $ месечно, работејќи од дома, тогаш бидете сигурни дека ова е премногу добро за да биде вистинито. Ако, пак дополнително бараат да платите одредена сума на пари за да можете да започнете и ако бараат ваши лични податоци, тогаш бидете сигурни дека вашата претпоставка за измама е точна.
Онлајн продажба од сомнителни продавачи
Кога купувате нешто од интернет, важно е да го проверите продавачот пред официјално да купите нешто. Очигледно е ако некој продава најнов модел на телефон за 50$, дека станува збор за некаква измама. Но, дури и на доверливите сајтови како Амазон може да има лажни продавачи. Затоа секогаш проверувајте го продавачот, а наједноставен начин е да ги прегледате коментарите од корисниците.
Крај