Врските на далечина во замкaта на интернетот
За среќа, времето на гулабите писмоносци е минато, па денес пораките пристигнуваат со брзина на светлината.
Болката поради разделба е ништо во споредба со среќата при повторна средба – пишувал Чарлс Дикенс, нудејќи утеха за деновите поминати во разделба после кои повторно ќе дојде близината и срцата уште посилно ќе зачукаат. Така е во главно тоа со љубовта на далечина. Сe мери со состаноците, замолчува поради разделбите, се пополнува со копнеж, се троши со стрпливо чекање.
За среќа, времето на гулабите писмоносци е сега минато, па пораките пристигнуваат со брзина на светлината. Пример, девојка во Скопје само што напишала срце во Messenger, а момчето во Њујорк веќе се насмевнало на пораката. Ни гласот не плови толку долго преку реки, мориња и океани, а не мора ни да плаќа карта за пловидба. Еден клик на Viber и парот веќе почнува да комуницира. Интернетот и современите облици на комуникација сосема ги поедноставија работите, правејќи оддалечените партнери да бидат подостапни еден на друг многу повеќе отколку пораано. Но дали е навистина така? Или токму тој олеснет проток на информации и размена на нежности ја става врската во искушение? Создава само привидност дека партнерот е тука, па желбата за физичка блискост веќе не е толку силна? Колку е всушност ова модерно време наклонето на љубовта на далечина, а колку ја уништува? За тоа говори психотерапевтот Сандра Брацановиќ.
За некои интернетот е апсолутен чувар на ваквите врски, а за други товар – тврди психотерапевтот. Ако тргнеме од тоа дека денес можеме непрекинато да одржуваме однос преку телефон, да се слушнеме без она “крцкање” од слушалката, да се допишуваме без поштенски марки и чекање на поштарот, и да за тоа плаќаме како да сме во ист град, тогаш љубовта е заштитена, а односот има шанси убаво да се негува. Но доколку, меѓутоа, премногу се внесиме во таквата “блискост”, ќе се опуштиме, нема да ни биде толку потребно да го видиме партнерот, да го изненадиме пристигнувајќи пред куќниот праг и повик на сред ноќ.
РАЗГОВОРОТ ВЕЌЕ НЕ Е ЛУКСУЗ
Скапите телефонски повици после кои секое “ту-ту” од слушалката беа болно потсетување дека кој знае кога повторно ќе го слушнеме гласот на саканата личност, сега се само историја. Кога се воведе Skype, љубовните разговори веќе не мораа да се мерат на лажичка, а со паметните телефони престанаа и да се ограничуваат со просторот.
Сега можеме, од било каде и да сакаме, да му се јавиме на партнерот и да дознаеме што прави, како е, дали нешто го мачи. Можеме да ги споделуваме чувствата и мислите додека сме на работа, кога се шетаме со пријателите, кога воземе, купуваме во маркет. Во тоа е предноста на Viber и бескрајно сме благодарни. Штом посакаме да го слушнеме гласот на партнерот, тој е тука. Достапен. Јасно се слуша. Не троши пари – тврди психотерапевтот.
Порано SMS пораките во странство беа луксуз, а пред нив се потпиравме на писмата од хартија и поштарите. Чувствата бавно патуваа, додека денес стигнуваат на посакуваната адреса додека трепнеме. Но баш поради тоа изгубивме нешто убаво, чисто и силно. Како да огрубевме, па отчуканите пораки ни се помалку нежни од оние испишани со пенкало. Не се трудиме повеќе да бидеме внимателни и посветени, бидејќи изгледа дека паметните телефони немаат толкав капацитет да изнесат преголема доза романтика. Сѐ се поедностави, па и љубовта. Истражувањата не одат во прилог на длабочината на емоциите кои сега се разменуваат во врските на далечина, бидејќи се бара и се добива квантитет, а не квалитет во “разменетите” зборови. Но, со непресметаниот проток на информации кои ова модерно време ни ги донесе, стигна и опасноста сѐ што не изнервирало во некој момент, веднаш да го кажеме. Не ги мериме зборовите. Не броиме до десет. Не земаме здив, туку веднаш пишеме или ѕвонеме. И кажуваме секакви работи.
– Паровите лесно се караат, бидејќи иако се физички оддалечени, телефонот им е на дофат на рацете. Пред да размислат дали нешто навистина треба да се каже, дали било каков сомнеж е оправдан, имаат ли причина да се лутат, во истиот момент се распалуваат. Паѓаат во оган и така стануваат наивни жртви на паметните уреди – објаснува психотерапевтот.
ЛИЗГАВ ТЕРЕН ЗА ЗАБЛУДИ
“Не плачам бидејќи сме разделени со далечина, со години. Зошто? Затоа што сѐ додека делиме исто небо и дишеме ист воздух, ние и понатака сме заедно”… Така некогаш би можела да звучи поддршката на срцата оддалечени со километри. А тогаш дојде Facebook и предизвика партнерот во секој момент да има преглед на сите случувања на својата друга половина која е всушност во друг град, држава или континент. Кога дечкото ќе постави слика, објави песна, напише пост, неговата емотивна енергија прецизно ја погодува “метата”. Девојката знае дека во тој момент копнее по неа или е лут, нерасположен, повреден, незаинтересиран. Сето тоа може да се напише на социјалните мрежи и со цел да предизвика сакана реакција. И така љубовта паѓа во замките на модерното време.
– Многу врски пукнуваат поради социјалните мрежи, а особено се чувствителни оние на далечина. Бидејќи само една слика, означување или пост, може да предизвика сомнеж и бран љубомора. Ако, да речеме, на момчето на Facebook му се појави слика од неговата девојка во познато друштво, во кое има и еден непознат згоден фраер, тој може да се запраша кој е тој и дали се нашол тука поради неа. Девојките умеат да направат уште полоши сцени кога ќе видат дека нивното момче лајкнало слика од некоја атрактивна пријателка, а камоли ако уште напишат некој духовит коментар – психотерапевтот наведува неколку примери.
А додека партнерите на далечина, еден на друг си објаснат дека тоа ништо не значи и дека сето тоа на Facebook или Instagram е само заблуда, може да биде доцна. Сомнителната страна уште повеќе ги пробудува своите сомнежи, почнува да копа по сите сомнителни профили кои би можеле да бидат доказ дека партнерот не е чист. Тешко е во таквите околности да се сочува здрав разум, а многу е лесно да се падне во оган. Социјалните мрежи се навистина голема опасност за врските, бидејќи тука секој лајк се забележува, скенира, анализира и подметнува како аргумент за расправија.
– Кога се блиску, партнерите можат да се сретнат штом започне расправијата, а во живо можат многу подобро и потрезвено да допрат до другата страна. Вака недоразбирањата само се усложнуваат, а мрачните мисли преовладуваат – предупредува психотерапевтот
Таа советува дека физички разделените парови треба да ги искористат сите предности од современиот облик на комуникација, но и да бидат внимателни со нив. Бидејќи тие и понатака далечината ја претвораат во близина.
РЕАЛНИОТ ЖИВОТ ТРПИ
ДОДЕКА, од една страна љубовта на далечина ја зближуваат честите разговори и долгите пораки, од друга страна постојано ја прават напната. Штом нашиот партнер не се јави, не одговори во истиот момент на SMS, прочита порака во Messenger, а не реагира, веднаш менуваме расположение, се чувствуваме запоставени, тажни и лути.
– Тоа пречесто комуницирање не е добро и поради тоа што сме постојано во грч дали ќе имаме интернет повторно и дали ќе ни се згасне телефонот, бидејќи како тогаш ќе му се јавиме на партнерот. Реалниот живот може да трпи – предупредува психотерапевтот.
ШАНСА ЗА ПОДОБРО ЗАПОЗНАВАЊЕ
Истражувањата покажуваат дека добрата страна на врските на далечина во ова време на паметни телефони е тоа што партнерите често пати подобро се запознаваат, отколку кога се физички блиску.
– За да ја надоместат оддалеченоста на телата, повеќе ја отвараат душата еден на друг. Разменуваат приказни од минатоти, раскажуваат анегдоти, интелектуални размислувања, праќаат слики кога биле помлади – наведува психотерапевтот.
Извор: novosti.rs
Крај