Како загадениот воздух влијае на здравјето и како да се заштитите
Загадениот воздух може да предизвика инфекција на очите, тешкотии со дишењето и срцеви заболувања.
Зголеменото ниво на азот диоксид кое е поврзано со срцеви и белодробни заболувања придонесува за голем број рани смртни случаи во светот.
Дали е важен квалитетот на воздухот?
Да! Загадениот воздух во градовите и во руралните средини предизвикал три милиони смртни случаи во светот во 2012 година – претежно во земјите со низок и среден приход. И Светската здравствена организација (СЗО) е убедена дека, ако го намалиме загадувањето на воздухот, ќе се намали стапката на мозочни удари, срцеви заболувања, рак на белите дробови, астма и респираторни болести.
Во 2014 година, само 8% од светското население живеело на места каде се исполнети условите за квалитет на воздухот на СЗО. Огромно мнозинство од нас дишат субстандарден па дури и отровен воздух. Сепак, промената е можна.
Кои се загадувачите на воздухот?
Загадувањето на воздухот може да се однесува на затворен простор или на отворено. Четири клучни загадувачи се: ПМ честичките, озонот, азот диоксид и сулфурдиоксид и тие може да предизвикаат здравствени ризици ако се надминат границите поставени од страна на СЗО.
ПМ е мешавина на цврсти и течни честички кои се испуштаат во воздухот и влијаат на здравјето на луѓето повеќе од било кој друг загадувач. Важно е да се напомене дека и нивната големина е од особено значење: колку е помала честичката, толку е полошо. Најштетни за здравјето се оние со дијаметар од 10 микрони или помалку (ПМ10), кои можат да навлезат и да останат длабоко во внатрешноста на белите дробови. Хроничната изложеност на честички придонесува за ризикот од развој на кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и на рак на белите дробови.
Озон на нивото на земјата – што е различно од озонската обвивка во атмосферата – се формира кога сончевата светлина реагира со загадувачите на воздухот. Значи, високи нивоа на озон се јавуваат кога е сончево и може да предизвика астма напади и проблеми со дишењето кај осетливи лица.
Азотдиоксидот е производ на согорувањето (на горивата за топлина, енергија, мотори и бродови) и има негативен ефект врз функцијата на белите дробови, особено кај деца со астма.
Сулфур диоксидот е безбоен гас што се ослободува кога фосилните горива што содржат сулфур согоруваат за производство на топлина и енергија. Високите нивоа предизвикуваат иритација на очите, тешкотии со дишењето и зголемување на хоспитализациите и смртноста кај лицата со срцеви заболувања.
Што е со загадувањето во затворени простории?
Загадувањето на воздухот во затворен простор е главен здравствен проблем за 3 милијарди луѓе на глобално ниво кои користат дрво и јаглен за готвење и греење, особено ако нивните домови се со слаба вентилација. Печките за горење на дрво можат да ги изложат луѓето на високи нивоа на ПМ честички.
Како да се заштитиме?
Индексот за квалитет на воздухот обезбедува сигурни информации за нивоата на загадувањето на воздухот.
Во денови кога индексот на загадување е повисок од нормалното ниво треба да се избегнува секоја активност или тежок напор на отворено што може да предизвикаат длабоко вдишување или побрзо дишење од нормалното.
Јасно е дека луѓето кои веќе имаат проблеми со дишењето или астма, можеби ќе треба да ја зголемат употребата на инхалатори во денови кога нивоата на загадување на воздухот се повисоки од просекот.
Крај